Александар Вучиќ и СНС се апсолутни победници на српските избори со освоени 63,4 проценти од гласовите односно 190 пратеници во идниот парламент.
По соопштувањето на првичните резултати кои ќе претрпат одредени измени со оглед дека не се изброени гласовите на Србите од Косово, се обрати Вучиќ.
„Во политиката сум долг период, но не сум имал ваков момент, добивме огромна доверба од народот, најголема досега во Србија. Добивме големо предупредување дека мораме да бидеме поодговорни и посериозни и дека мораме да направиме најдобри резултати за нашите граѓани. Ова е историски момент, ние добиме над 2 милиони гласови од излезени над 3 милиони гласачи на овие избори. Победивме секаде, во секое место во странство, секаде каде што не победувавме досега. На Косово е рекордна излезност, резултатите ги очекуваме утре, за прв пат над 10.000 Срби излегоа во Косовска Митровица да гласаат, над 65.000 во Косово, зошто знаат колку е важно да останеме јаки. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани на Србија, кои и покрај сите закани и лоши услови, покрај заплашувањето со корона излегоа, зошто знаат дека иднината на Србија е поважна од сите нас. Граѓаните кажаа што мислат и што сакаат за иднината на Србија, рече Вучиќ.
Партијата на Вучиќ победи и на локалните избори и ја има власта во речиси сите општини.
СНС во српското собрание од 250 места ќе има околу 190 пратеници. Втора изборна листа со освоени гласови е Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ со 10,7 освоени гласови и околу 30 пратеници. Во Собранието засега влегува и листата СПАС на градоначалникот на Нов Белград Александар Шапиќ со освоени 4,1 отсто гласови или 11 пратеници, како и партијата на Унгарците на Иштван Пастор со 8 пратеници, албанските партии со 4 места и партијата на Муамер Зукорлиќ која настапи со Демократската партија на македонците со две пратенички места.
Во услови на состојба на епидемија со коронавирус и бојкот од поголемиот дел на опозицијата позначајно од очекуваната победа на СНС беше излезеноста на граѓаните и таа според ЦРТА до 19 часот изнесува 45,5 отсто.
Аналитичарите наведуваат дека излезеноста на овие избори во Србија е за 6 отсто помала отколку на изборите во 2016 година.
Според невладината набљудувачка организација Црта, забележани се и 5 отсто неправилности на избирачките места, како што е случајот со таканаречениот „бугарски воз“ на две изборни места во Зрењанин и на едно место во Пожаревац, тепачка на избирачкото место во Нов Белград и Чачак, обидот за контрола на избирачкиот список од неовластени лица во Свилајнац и напад врз новинарите на нишкиот портал Јужни вести, од лица кои биле снимени со непознати списоци во рацете.
Претседавачот со опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС), Драган Ѓилас, вечерва изјави дека според нивните податоци на изборите кои биле проследени со бројни неправилности, излегле 42 проценти од гласачите и дека „идната нова влада нема да има легитимитет“. Тој додаде дека сега постојат две можности – „режимот да продолжи да работи како порано и да ја доведе земјата во натамошни тензии, или со посредство на Европа, да дојдеме до ситуација да имаме фер и чесни избори“.
Гласањето беше следено со многу малку странски набљудувачи- ОДИХР и мисијата ЕНЕМО (Европска мрежа на организации за мониторинг на изборите) чии извештаи ќе бидат основа за институциите на ЕУ да ја проценат исправноста и демократијата во изборниот процес на Србија.
Официјалните резултати од изборите РИК ќе ги објави во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.