Утрово во 7 часот се отворени гласачките места заради одржување на редовните парламентарни, покраински и локални избори. Своето гласачко право ќе можат да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 90 места во Косово и во 42 амбасади на Србија.
Граѓаните на Србија ќе бираат пратеници за Националното собрание, во кое има 250 пратенички места. Истиот ден, граѓаните на Автономната покраина Војводина ќе избираат и 120 пратеници на Покраинското собрание, а ќе се гласа и за локалните собранија во градовите и општините на Србија.
На парламентарните избори за доверба на 6.583.665 гласачи оваа година ќе се натпреваруваат 21 избирачки листа на партии и коалиции, кои ќе се борат да го поминат прагот од три проценти и да освојат места во српскиот парламент. Дел од опозицијата ги бојкотира изборите.
Поради епидемијата на коронавирус Републичката изборна комисија (РИК) пропиша дека за сите членови на избирачките одбори се обезбедени одредени мерки на заштита, маски и ракавици. Самите гласачи не мора да носат маски, но РИК препорача истите да се носат и за сите гласачи обезбеди маски за денот на гласање.
Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ утрово рече дека сите гласачки места се отворени на време и оти се преземени сите мерки за заштита согласно препораките на Кризниот штаб.
Гласачките места ќе бидат затворени во 20 часот.
Резултатите од изборите РИК ги објавува во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.