Земјоделството е основата на нашата македонска економија и исклучително важна стратешка гранка, па затоа производството на храна мора да продолжи уште поинтензивно и никако не смее да запре или да биде загрозено, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев при посетата на браната во изградба Конско.
– Владата предводена од СДСМ и до сега и по големата победа на 15 јули ќе продолжи да го развива земјоделството и ќе овозможи силна поддршка за земјоделците, истакна Заев.
Заев, кој при посетата на локалитетот на браната во изградба беше придружуван од генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, нагласи дека Владата точно пред две години ја започна реализацијата на овој инфраструктурен проект, што претставува најкрупна капиталена инвестиција што се гради во овој регион во изминативе 50 години.
– Она што е важно е дека изградбата на овој крупен капитален проект продолжи да се гради интензивно според сите безбедносни протоколи за заштита и во вонредни услови предизвикани од пандемијата со коронавирусот. И во вакви тешки вонредни услови продолжуваме да градиме инфраструктура за сите важна за покренување на новата развојна македонска економија. Нови 8.000 хектари земјоделска површина ќе бидат наводнувани од оваа брана штом се финализира изградбата, истакна Заев.
Тој потенцира дека со овој проект земјоделците од гевгелиско-валандовскиот крај ќе добијат навремено и ефикасно снабдување со вода во текот на производствената сезона со што ќе се намалат нивните производствени трошоци, а нашата земја ќе добие зголемување на производството и на конкурентноста на земјоделски производи од овој крај.
– Градиме крупни капитални проекти за да ни се развиваат селата, да ни се чисти реките што ги напојуваат земјоделските површини и да оставиме вредни и значајни капитални проекти за идните генерации, порача Заев, изразувајќи при тоа благодарност до градежните работници кои неуморно работат на изградбата на овој значаен проект.
Лидерот на СДСМ потенцира дека од вредните раце на земјоделците продолжуваме да ја развиваме нашата економија, да го подигаме стандардот на живеење и заедно да чекориме напред по правиот пат кон отворање на нови перспективи и ЕУ пазари за пласман на нашите земјоделски производи.
– Ја користам оваа прилика да ги охрабрам македонските земјоделци, вредно и посветено како и до сега, со многу труд и љубов да продолжат да ја обработуваат македонската плодна земја и да произведуваат здрава и вкусна храна. СДСМ и Владата во овие три години покажаа што значи вистинска грижа за земјоделците и како се цени нивниот труд. Како одговорна партија остануваме посветени на развој на земјоделството и градење подобри услови за работа на нашите земјоделци, истакна Заев.