Жителите на струшко Октиси: Не дозволуваме сеча на шумата околу изворите, ќе ги браниме со жив штит

Од:

Сечата на шумата на планината Јабланица во атарот на струшко Октиси мора да се запре итно затоа што може да секне единствениот извор од кој со вода се снабдува селото, порачуваат револтираните жители. Даниел Шиковски од Октиси за „А1он“ вели дека тие се подготвени да дежураат кај изворите секој ден и нема да дозволат механизацијата на „Македонски шуми“ да продолжи со сечење на дрвјата.

„Не смееме да се побуниме, не смееме да организираме протести поради коронавирусот, а доколку го кренеме гласот и се обидеме да спречиме сеча, ни викаат полиција, нè приведуваат и нè казнуваат. За нас важеа и полицискиот час и карантинот, а за нив – не. Додека седевме затворени, тие си сечеа секој ден и полека стасаа до изворите. Но, треба да знаат дека овој пат нема да попуштиме, изворите ќе ги браниме со жив штит, ако треба“, вели Шиковски.


За проблемот, жителите реагирале во полицијата, кај надлежните инспекции и во Општина Струга. Како што објасни претседателот на месната заедница, Енис Мевмедовски, сечата на шумата „Македонски шуми“ ја врши во согласност со законските прописи, но патот по кој врви нивната механизација поминува низ приватни имоти, па врз таа основа побарале да се спречи експлоатацијата на шумата.

„Првин се обративме во полициските станици во Велешта и Струга и начелно добивме ветување дека нема да продолжи сечата на шумата додека да обезбедиме документи за трасата на патот. Но, ова не се почитува, работата на терен си продолжи, шумата се сече секојдневно. Свесни сме дека ‘Македонски шуми’, кое има дозвола за стопанисување, не можеме да го спречиме, но бараме начин како да ја заштитиме шумата околу изворите бидејќи се плашиме од ерозија, а селото да остане без вода за пиење. Затоа и апелираме надлежните да најдат решение што побргу бидејќи не можам да гарантирам дека мештаните уште долго време ќе останат мирни, трпението им е при крај“, вели Мевмедовски.

Од Општина Струга велат дека од Инспекторатот за екологија излегле на терен, составиле записник, го проследиле до Министерството за екологија и дека тука нивните ингеренции завршуваат.

„Констатиравме дека сечата на шумата се одвива на речиси 200 метри од цистерната со вода, но и во близина на цевките на водоводот. Kако Инспекторат немаме првна основа да ја стопираме сечата, но сепак во согласност со барањето на жителите излеговме на терен да видиме каква е состојбата. Денеска го испративме записникот заедно со фотографиите, останува да почекаме одговор од Министерството за екологија“, објаснија од општинскиот Инспекторатот за животна средина.

Проблемите на жителите од оваа струшко село почнаа во февруари кога сечењето на шумата стасало до изворите поради што тие излегоа на предупредувачки протест и привремено успеаја да ја стопираат сечата. Тогаш до надлежните порачаа да се одземе концесијата за експлоатација на шумата и планината Јабланица во атарот на Октиси да се прогласи за заштитено подрачје. Велат дека нивните барања се исти и доколку не се огласат институциите, своите права ќе ги бараат со порадикални мерки.

Би можело да ве интересира

Нелегална сеча на дрвја во Националниот парк „Пелистер“

Ана Ололовска

Касапење на Охрид, исечено дрво старо 20 години на брегот на езерото

А1он

Божиновска: Комисијата никогаш не спомнала трампа на верски објекти во Октиси и Прилеп

Емир Латифовиќ

Божиновска: Градежните работи започнати во Октиси се согласно законите и урбанистичкиот план

Ана Ололовска

Јанкулоска: Дијалогот е единствен начин за надминување на проблемот со изградбата на црква во Октиси

Ана Ололовска

Тимотеј е оптимист дека по смирување на страстите ќе започне изградбата на црквата во Октиси

Ана Ололовска