По 36 рочишта, на кои Јовановски тврдеше дека во торбата земена од куќата на Орце Камчев немало 1,5 милион евра, ниту тој видел пари, а тоа го докажуваше со начинот на кој Зоран Милески-Кичеец ја носел торбата, по изрекувањето на деветгодишната затворска казна, рече судот парите да ги бара кај Зоран и Вице Заеви. Сашо Дуковски, адвокат на Јовановски во „Рекет“, во изјава за „А1он“ вели дека не е сигурен дали Јовановски зборувал за конкретните пари од Камчев или за рекетите во Македонија. Дуковски не сакаше да коментира дали претходно Јовановски ги посочил Заеви како лица каде што завршиле парите велејќи: „Тоа влегува во доменот адвокат – клиент“.
„Ќе треба од него да барате изјава за тоа. Вие гледате дека парите не се најдени. Јас не можам да коментирам каде се парите. И има уште еден факт, не видовме пари. Јас мојата одбрана ја темелам врз основа на тоа што што го имам како доказ. Јас бев полуконцентриран кога тој зборуваше, не сум сигурен дека мислеше на конкретните пари. Не сум сигурен, ќе ја видам изјавата. Можеби мислел на парите од рекетите во Македонија, а не на конкретните пари. Не сум сигурен“, рече Дуковски за „А1он“.
Обвинителката Вилма Русковска за „А1он“ вели дека Јовановски никогаш не споменал дека парите се кај Заеви во текот на целата постапка што се водела за „Рекет“ и за случајот со Меѓународниот сојуз. Според неа, од почетокот на постапката до денешната првостепена пресуда, од изјавите на Јовановски точни се само неговите податоци за идентификација.
„Тој никогаш нема споменато такво нешто, ниту во истражната постапка за ‘Рекет’ ниту за Меѓународниот сојуз не споменал на главна расправа, никогаш. Второ, доколку е условно точно, сигурно Заев нема да му праќа праќа: ‘Ги видов доказите, ова е чист рекет и морам да постапам’. Јовановски првин тврдеше дека нема пари. Ако немало пари, како завршиле кај Заеви? Од почетокот до крајот на првостепената постапка тој нема кажано една точна работа, освен име, презиме и датум на раѓање. Кога беше рочиштето за завршните зборови, немаше исказ што не му го побив“, рече Русковска за „А1он“.
Инаку, судот донесе првостепена одлука, со која го осуди Јовановски на девет години затвор за две кривични дела. Тој најави дека деновиве ќе поднесе кривични пријави против, како што рече, вистинските сторители на кривичните дела. Според него, пресудата за „Рекет“ е политичка.