Најголемата организација на грчката заедница во САД, Американскиот хеленски институт, објави нови политички позиции за серија прашања, меѓу кои и спорот меѓу Македонија и Грција за името. Во објавените позиции, АХИ зазема став дека Република Македонија, која ја нарекуваат БЈРМ, мора да прифати име на јазикот и нацијата во кое воопшто нема да се содржи зборот Македонија, а САД треба да го повлечат признавањето на нашето уставно име.
– Единственото практично решение е име кое со ништо не укажува дека БЈРМ има било каков политички суверенитет врз традиционалната Македонија која лежи надвор од денешните граници на БЈРМ. Понатаму, поради мулти-етничкиот состав на БЈРМ, името на јазикот и нацијата не смее да го содржи зборот “македонски”, ниту било кој збор што личи на македонски. Крајното решение за името мора да се применува во сите внатрешни и надворешни цели, ерга омнес, пишува во позициите потпишани од Ник Ларигакис, претседателот на Американскиот хеленски институт.
Во делот за Македонија се наведени и ставовите на претседателот Барак Обама, за кого се вели дека како сенатор бил еден од тројцата првични потписници на резолуцијата 300 со која се бара Македонија да соработува со Грција за да се изнајде взаемно прифатливо име. Грчката дијаспора од Обама бара да продолжи со ставот дека Македонија нема да влезе во НАТО додека не се изнајде решение на спорот за името и да ја блокира американската помош за Македонија доколку Македонија “не се посвети на добронамерни преговори со Грција”.
На крај, АХИ бара од Обама да го повлече признавањето на македонското уставно име, кое претседателот Џорџ В. Буш го потпиша во 2004 година, и по евентуално постигнување на решение во спорот за името, да ја признае Македонија под новото спогодбено име.
АХИ тврди дека Грција не ставила вето за приемот на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година, но признава дека Меѓународниот суд на правдата во 2011 година пресудил дека Грција ги прекршила своите обврски согласно Времената спогодба меѓу двете земји. Сепак, АХИ се повикува на грчкиот став дека пресудата не ја заменува потребата да продолжат преговорите за спорот.
Во извештајот на АХИ се истакнува стратегиското значење на Грција за САД, пред се воената база во заливот Суда на Крит која се користи во американските воени операции на Блискиот Исток, како и значењето на Кипар во однос на граѓанската војна во Сирија. Како првенствено прашање, пред спорот за името, е наведено правото на Кипар и Грција да експлоатираат нафта и гас во водите на Средоземно и Егејско Море, што е оспорено од страна на Турција. По Турција и Македонија, трета тема на извештајот на АХИ е правото на грчкото малцинство во Албанија.
Американскиот државен секретар Џон Кери е во посета на Брисел, на пролетната средба на министрите за надворешни работи на НАТО, каде денес треба да има средба со грчкиот колега Димитрис Аврамопулос. Кери во Брисел дојде по посетата на Турција.
Минатата недела Обама го организираше годишниот прием по повод националниот ден на Грција 25 март, на кој присуствуваа и потпретседателот Џо Бајден и конгресмените со грчко потекло Џон Сарбанес, Керолин Мелоуни и Нита Ловеи. На средбата, Обама ја истакнал солидарноста на САД со Грција, во обидите за реструктуирање на грчката економија.