Вечерва 11-те избрани претставници, кои го сочинуваат новиот состав на Советот на Општина Богданци, ја одржаа првата конститутивна седница на која беше верификуван нивниот четиригодишен мандат, добиен од граѓаните на последните локални избори 2013.
На предлог на кандидациската комисија беше утврден само еден кандидат за претседател на Советот. Со шест гласови „за“ и 5 воздржани функцијата му припадна на Блаже Шапов од СДСМ и коалицијата „Сојуз за иднината“. Шапов е инаку актуелен претседател на Општинската организација на СДСМ за Богданци и професор во Средното општинско училиште „Богданци“.
Тој на седницата се заблагодари за изборот, посакувајќи успешна работа на Советот со цел да се оправда довербата што им ја дале граѓаните на Богданци да бидат носители на одлуките на локалната самоуправа за развој на општината за следниот мандатен период.
Првите честитки до новиот претседател на Советот на седницата беа искажани од страна на новоизбраната градоначалничка на општината, Анастасија Олумчева, која посака успешна соработка за доброто на општината.
Седницата до изборот на новиот претседател ја раководеше најстариот избран советник, Сузана Мандалова. Инаку, во составот на новиот Совет на Општина Богданци партиципираат шест претставници од коалицијата „Сојуз за иднината“ и пет претставника од коалицијата „За подобра Македонија“. Меѓу избраните се и три жени, со што е запазен половиот состав со 27,3 отсто.
А.Д.