Историјата се пишува со храбри одлуки. Историја се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што не извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите инспирации за членство во НАТО и во ЕУ, во нивната полна и сосема извесна реалност, порача денеска премиерот Иливер Спасовски при посетата на Љубојно и на Преспанскиот крај, со која се одбележуваат две години од потпишувањето на Договорот со Грција.
Со Договорот од Преспа, додаде Спасовски, од тотална изолација на меѓународна сцена направивме пресвртница и ја вративме Северна Македонија на агендата за проширување на ЕУ и добивме членство во НАТО.
– Тоа е најсилна гаранција за територијалниот суверенитет, гаранција за безбедноста и стабилноста. НАТО е најуспешната воена и политичка алијанса во историјата на светската цивилизација, а ние во неа сме рамо до рамо со најуспешните, најразвиените и најсилните. Во март 2020 година ЕУ донесе позитивна одлука за започнување на преговори за членство, а пандемијата предизвикана од КОВИД-19 не ја спречува Европската комисија да финализира преговарачка рамка и до крајот на 2020 година и формално да започнат преговорите за членство во Унијата, рече Спасовски.
Според него, на нашиот пат за членство кон ЕУ и НАТО Грција сега не само што не не блокира, туку и сесрдно го помага нашето забрзано интегрирање.
– Тоа е впрочем и нивна обврска од Договорот. Односите со Грција никогаш не биле подобри. Имаме значително подобрени билатерални односи, има тренд на зајакнување и на економската соработка. Градиме пријателство и стратешко партнерство со нив и тоа е добро за граѓаните на двете земји. Привршува реализација на новиот граничен премин со Грција – Маркова Нога во Преспа. Зголемени можности за локално население ќе придонесе и поголеми инвестиции во туризмот, во економијата и генерално во развојот. Реактивирана беше железничката линија преку Битола, а во план е отворање и на дополнителен граничен премин со Грција во граничниот предел на општина Кавадарци. Тоа е уште една од можностите за прекугранична соработка и развој на руралните средини од двете страни на границата. Поголема мобилност, поголема соработка и поголем развој, рече премиерот Спасовски.
Преспанскиот договор, според него, е достоинствен и прифатлив компромис за двете страни. Двете држави, вели, вложија по нешто, но и двете држави добија по нешто исто така од него. Најголемата придобивка, потенцира, е пријателството, заемната поддршка, можностите за градење блиски односи и посилна соработка во иднина.
– Денес за Преспа знае целиот свет. Во еден таков меѓународно афирмиран процес ги обезбедивме трајните гаранции за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Тие се сега признаени од целиот свет и тоа никој повеќе не може да ни го одземе. Преспанскиот договор е признаен и како модел за решавање и на други слични проблеми низ целиот свет. Тој е постигнување кое служи како пример за охрабрување, но и за инспирација и за други лидери да донесат вакви тешки, но неопходни одлуки за иднината на своите држави и на своите држави. Тоа е голем влог во зачувувањето на мирот, безбедноста и стабилноста на нашиот регион за зајакнување на регионалната соработка и пример за силната посветеност на идејата за ЕУ и за европските вредности, вели Спасовски.
Договорот од Преспа, посочува тој, е модел за европско однесување, модел за Балкан достоен за 21 век како рамноправен и неделив дел од ЕУ и сите ние треба да бидеме горди на тоа.