За точно еден месец, на 15 јули во земјата треба да се одржат десетите парламентарни избори, петти предвремени парламентарни избори од независноста. Дваесет дена подоцна Северна Македонија треба да го добие новиот состав на Собранието, а потоа и новата политичка Влада.
Ова ќе бидат најспецифичните избори што се одржале во земјата имајќи ја предвид кризата со коронавирусот и начинот на којшто тие треба да бидат спроведени – под целосна заштита од ширење на вирусот со маски, со други заштитни средства, во поголеми простории со отворени прозорци или можеби и на отворено. Молкот ќе започне три дена претходно односно на 12 јули на полноќ, а на 13 и 14 (понеделник и вторник) ќе гласаат болните што ќе се пријават за гласање, а меѓу нив и лицата со Ковид-19, оние во изолација и во самоизолација, како и затворениците, лицата во старските домови… Допрва ќе бидат објавени и деталите за тоа како ќе се реализира кампањата, иако некои од партиите веќе соопштија дека нема да организираат големи собири и митинзи. Сите учесници на изборите без исклучок за да допрат до граѓаните ќе ги користат социјалните медиуми и телевизиите. Кампања со директни средби со граѓаните речиси и да не се очекува имајќи ги предвид бројките на заразени и болни со Ковид-19.
Голем предизвик за партиите ќе биде излезноста на гласачите. Од една страна во моментот е актуелно ширењето на коронавирусот и големите бројки на заболени со кои се соочува земјата, а од друга страна разочараноста на граѓаните во партиите и нивните програми, кои како што се бара во јавноста, поради економската и здравствената криза треба да претрпат промени.
Веста дека партиите постигнале договор за избори на 15 јули вчера на прес-конференција ја објави претседателот на СДСМ Зоран Заев. Посочи дека е постигнат договор изборите да бидат на 15 јули, среда, неработен ден за сите граѓани.
-Тоа ќе биде ден за гласање, за одлуки и за спас на државата од кризата во која влеговме, рече лидерот на СДСМ.
Заев на прес-конференцијата потенцира дека СДСМ презема чекор веднаш да заврши, како што кажа, оваа игра на нерви за да не страда народот. За да се спроведат изборите на 15 јули рече и дека од претседателот Пендаровски ќе биде побарана нова вонредна состојба.
-Се знае и во минатото кој бил одговорен и кон граѓаните и кон државата. Така и сега СДСМ ја покажува својата големина, разбирање и одговорност. За не страда народот и да му се овозможи на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покаже својата одговорност, го заклучуваме 15 јули како конечен последен и единствен датум за избори на кој гарантирано ќе учествува опозицијата, изјави Заев.
Тој смета дека до договор би стасале и порано, доколку, како што потенцира, земјава имала поодговорна опозиција. Ова, смета било купување на време и собирање храброст опозцијата да се соочи со народот. Сите изговори за заштита на здравјето на граѓаните, рече, немаа врска, бидејќи ниту беа споменати на последната средба кај Пендаровски.
-Натаму одлучуваат граѓаните. Тие ќе кажат кој ќе се справува со Ковид-19 наесен. СДСМ е одговорна власт која по 15 јули ќе продолжи да ја води државата на исправниот пат уште подобро. Граѓаните ќе кажат кој ќе се справува со Ковид на есен, изјави Заев.
Прашан дали доколку СДСМ изгуби на изборите ќе поднесе оставка, Заев истакна е уверен дека СДСМ ќе победи, а тоа, потенцира, го покажува и нивното истражување.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа по седницата на Централниот комитет изјави дека очекува претседателот на Собранието Талат Џафери да ги закаже изборите на 15 јули. СДСМ, како што кажа, ги прифатила двата услова (принципи) – да има протоколки за заштита на ранливите категории граѓани, тие да гласаат од дома, правила кои, рече, досега не биле прифатени, како и присуство на Мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
-Време е за промени и имаме обврска да го поразиме раководството на Зоран Заев и ова е тој момент на одллука, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека очекува кампања во која партиите ќе ги покажат разликите, кој навистина нуди стратегија и визија, а кој не нуди ништо.
-Изминативе три години сме сведоци на Влада која многу ветуваше, но освен пораз, срам, дебакл, криминал, корупција, неправди, не понуди ништо, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија смета дека е можно намалување на излезноста за гласање поради Ковид-19 и затоа се обиделе да донесат протоколи за секој граѓанин да може да го исполни своето уставно право и да гласа и затоа ќе има и ден повеќе, за ризичните, за оние што не ќе може да дојдат на избирачките места.
Мицкоски ја повика ДИК, Владата и Комисијата за заразни болести да овозможат услови за масовно излегување на изборите и граѓаните да го остварат своето уставно право, како и да се отворат границите, за да дојдат граѓаните во матичната земја и да го дадат својот глас.
Во врска со идејата на ДУИ за Албанец премиер, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ и во минатото имала предлог за т.н. шпицен кандидат. Сега, всушност, има тројца кандидати за премиер, но, како што кажа, народот одлучува кој ќе биде премиер.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) во соопштение нагласи дека консензусот, јавното здравје и избегнување на длабоката политичка криза бил нивниот конзистентен став, затоа што одржувањето на изборите без консензус ќе ја влошеше ситуацијата до недоглед.
-Консензусот е нашето базично начело на функционирање на нашето мултиетничко општество затоа што го избегнува надгласувањето и маргинализацијата, додека во овој случај помага и во спречување на политичката криза, наведоа од ДУИ.
Артан Груби, поранешен пратеник на ДУИ синоќа во телевизиска емисија даде своја прогноза каков ќе биде исходот од парламентарните избори.
-Гласовите што ќе ги освојат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат блиску, а одлучни ќе бидат гласовите на ДУИ за тоа кој ќе формира Влада, рече Груби. Како што кажа, гледајќи ја несериозноста на двајцата кандидати од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, неговата партија се надева дека голем дел од граѓаните ќе го поддржат нивниот предлог и дека ќе гласаат за првиот премиер Албанец.
Договорот го поздравија и други политички партии.
Лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами смета дека компромисот постигнат за одржување на изборите е добра волја и покрај тоа што тие ќе се одвиваат во вонредни услови. Според него, загрижувачки е зголемувањето на бројот на заразени, но загрижувачки е и што државата нема функционална влада и функционални институции.
-Стабилната политичка влада може да биде во служба на граѓаните, како во поглед на здравството, така и од аспект на економијата, наведе Касами.
За Алијансата на Албанците постигнувањето на политичкиот консензус меѓу сите политички партии во Северна Македонија е добра вест и демократска вредност што ја отсликува волјата на граѓаните, не дозволувајќи создавање на политичка криза. Изборите на 15 јули, за Алијансата за Албанците, заедно со коалицискиот партнер Алтернатива и за сите албански гласачи, се златна можност да се направи политичка промена.
Претставници на меѓународната заедница со очекувања за фер, демократски и инклузивни избори
Амбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Кејт Брнз, на Твитер ја поздрави информацијата дека предвремените парламентарни избори се закажани за 15 јули.
– Ја поздравувам информацијата дека изборите се закажани за 15 јули. Идниот Парламент и Влада се соочуваат со исклучителни одговорности и што ќе влијаат врз иднината на државата, вклучувајќи го и Ковид – 19, како и пристапните преговори со ЕУ. Со нетрпение чекам да продолжи и продлабочи нашето партнерство, напиша амбасадорката Брнз.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел го поздрави договорот постигнат меѓу политичките партии во Северна Македонија за одржување на парламентарните избори на 15 јули и се надевам на кредибилни избори и дека земјата ќе продолжи да се движи напред по европскиот пат.
Договорот постигнат меѓу двете главни политички партии во Северна Македонија за одржување на изборите на 15 јули за еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји е важен сигнал за земјата, за нејзините граѓани и патот кон ЕУ.
-Овој договор го трасира патот кон слободни, фер и инклузивни избори, коишто ќе бидат набљудувани од страна на ОБСЕ/ОДИХР, напиша Вархеји на својот профил на Твитер.