Поетите Михаил Ренџов и Мирослав Биелик добитници на „Книжевен жезол“ за 2020 година

Од:

Реномираната награда „Книжевен жезол“ за поетски опус што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) секоја година на еден домашен и на еден странски поет, оваа година им се доделува на македонскиот поетски маг Михаил Ренџов и на поетот Мирослав Биелик од Република Словачка.

Како што соопшти Друштвото на писатели, чествувањето на поетското творештво на овие писатели ќе се изрази преку објавување заедничка збирка поезија во рамки на традиционалната едиција на добитници на оваа награда, а со оглед на пандемиската ситуација, врачувањето на статуетките на вообичаен свечен собир во просториите на ДПМ се одлага за некои подобри времиња во втората половина на годинава.

– Михаил Ренџов (1936 година) е современ македонски писател кој се има пројавено во различни книжевни жанрови: разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод. Сепак, за поезијата може да се каже дека има централно место во неговиот опус и дека токму специфичниот поетски нерв е она што го чини уникатен неговиот авторски профил, се вели во соопштението.

Завршил гимназија во Штип, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1965 година. Автор е на дваесетина поетски книги: „Иселеник на огнот“ (1965), „Ноќно растење на зборот“(1967), „Каде од оваа страна“ (1968), „На работ од сонот“ (1972), „Страв“ (1976), „Полноќ“ (1979), „Нерези“ (1982) (награда „Браќа Миладиновци“), „Аутодафе“ (1985), „Феникс“ ( сонети, 1987), „Земја. Потоп“ (1991), „Шпил“ (1994), „Вечната бесконечната“ (1996), „Јас оксиморон“ (1998) (награда „Ацо Шопов“), „Псалми“ (2000), „Галичица“ (2007), „Окарина“, „Јас. Елегии“ (награда „Браќа Миладиновци“); на поемите „Тој“ (1993) и „Предвесница“ (2009) (и двете овенчани со наградата „Григор Прличев“), драмската поема „Апокалипса“ (2002); прозната книга „Захариј и други раскази“ (2004) („Рациново признание“); на книгите за деца „Сонување патување“ (1991) и „Ангела сонува“ (1998).

– Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонски еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија, додаваат од ДПМ.

Мирослав Биелик (1949 г.) е современ писател од Република Словачка, познат во својата средина по дела од различни книжевни и книжевно-научни жанрови. Објавил повеќе од сто стручни студии од областа на книжевноста и културата. Работел во „Матица Словачка“ како библиограф, бил долгогодишен директор на Словачката народна библиотека и на „Матица Словачка“. Денес е претседател на Друштвото на писателите на Словачка.

Негови позначајни прозни дела се: двотомниот роман „Венециски Диптих“ (Benátsky diptych) – „Реалност“ (Skutočnosť, 2007) и „Нереалност“ (Neskutočnosti, 2010), и романот „Калеидоскоп“ (Kaleidoskopis, 2013). Автор е на следниве збирки поезија: „Времето е тивок гласник на мислата“ (Čas je tichý posol mysle, 2003), „Незначајно движење на стрмната рамнина“ (Nepatrný pohyb po naklonenej rovine, 2005), „На крајот на еден х-век“ (Ku koncu jedného x-ročia, 2009) и „Меланхолија“ (Melanchólia, 2018).

Би можело да ве интересира

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Промоција на стихозбирката „Бог на ба/к/терии“ од Митко Гогов

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Поетски портрет на лауреатот на СВП Жан Пјер Симеон во црквата „Света Софија“ во Охрид

Жан-Пјер Симеон: Поезијата е начин на живот, насушна потреба да се каже не за вредностите што ни се натиснуваат и го уредуваат светот