Нецел час по прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговор стигна од претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев истакна дека e неопходно и важно итно одржување на изборите.
„Тоа е неопходно и за подобро справување со здравствената и економската криза предизвикана од КОВИД-19.
Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите.
На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза.
Граѓаните тоа го знаат. Впрочем токму Мицкоски шеташе по кафани и теретани, прекршуваше мерки, а неговиот министер Чулев го поткопува системот одвнатре и го загрозува здравјето на граѓаните“, напиша Заев на својот фејсбук профил.
„Цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеше опструкции, кочници, бојкоти. ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат.
Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е!
Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на било која партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата.
Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност.
Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните.
Ние не сакаме избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, ние ќе покажеме што можеме да направиме во еден мандат без саботажи“, пишува лидерот на СДСМ.