Програма за организирање и унапредување на крводарувањето во државата за оваа година има буџет од 40 милиони денари, што е за 15 милиони денари повеќе во однос на претходната година, соопшти денеска по повод одбележување на 14 Јуни-Светскиот ден на крводарителството Министерството за здравство, кое го изработува на годишно ниво овој документ.
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека оваа година, овој ден се одбележува во знак на дарувањето крвна плазма – кој претставува лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирусот.
-Обезбедивме конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти заболени од Ковид-19. На Светскиот ден на крводарителството – 14 Јуни, ја испраќаме пораката дека дарувањето крв е највисокиот чин на хуманост и алтруизам, со кој се спасуваат човечки животи. Им се заблагодарувам на сите наши херои, крводарители, дарители на тромбоцити и дарители на конвалесцентна плазма за грижата која ја покажуваат. Упатувам апел сите излекувани лица од овој вирус да даруваат крвна плазма и заеднички да им помогнеме на нашите сограѓани, побрзо да го спречиме ширењето на коронавирусот. Дарувај плазма, спаси живот, напиша на неговиот фејсбук профил министерот Филипче.
Како што соопшти Министерството за здравство, Програмата за унапредување на крводарителството се реализира во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија, како значаен партнер во унапредување на здравствената заштита на сите граѓани. Со неа се опфатени бројни активности за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението, подготовка на крводарителски акции, изготвување информативен материјал, анкетирање и изготвување списоци на потенцијални дарители на крв, учество на волонтери, евиденција на крводарителските акции, како и доделување признанија на крводарителите.
Во областа на крводарителството активно е вклучен и Институтот за трансфузиона медицина, каде во континуитет се вложува во унапредување на условите за работа, во современа апаратура, како и едукација на високо квалификуваниот медицински кадар.
-Институтот за трансфузиона медицина е отворен за сите заинтересирани лица кои сакаат да придонесат кон спасување човечки животи со дарување крв. Во 2020 година, реализирани се 21.301 дарување на крв, 157 дарувања на тромбоцити и 16 дарувања на конвалесцентна плазма. Од нив, седум дарувања со постапка плазмафереза на клеточен сепаратор и девет преку стандардно дарување на целокупна крв. Со ова, обезбедени се 23 единици конвалесцентна плазма за третман на 23 пациенти со COVID-19, наведуваат од МЗ.
Воедно, потсетуваат дека излекуваните лица од Ковид-19 имаат можност да даруваат крвна плазма од излекувани пациенти, што исто така, претставува вид на крводарување, што се користи како лек и надеж за потешките пациенти заболени од коронавирус.
-Апелираме сите излекувани лица, кои имаат можност да се пријават за дарување конвалесцентна плазма, стои во соопштението од Министерството за здравство.
За пријавување се пополнува електронскиот формулар достапен на веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина, на следниот линк: https://bit.ly/30ufhA4,
Светскиот ден на крводарителството – 14 јуни, има цел да се потенцира важноста на дарувањето крв, како највисок чин на хуманост и алтруизам. Со овој исклучително солидарен и благороден чин се овозможува здравствените работници секојдневно да спасуваат човечки животи.