Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба, а откако лидерите на двете најголеми партии во државата владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски завчера во вила Водно не постигнаа договор за датумот за изборите, продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5 јули. Кампањата пак, ќе започне на 16 јуни.
Лидерот на СДСМ, во обид за изнаоѓање компромисно решение за изборите, вчера упати нов предлог до лидерот на опозицијата Мицкоски за избори на 8 јули. Доколку биде прифатен овој термин најави дека ќе побара од Владата да свика седница и да донесе предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата, во кои три дена ќе се даде правно разрешување на можноста, токму на 8 јули да одиме заедно на избори,
-Јас нема да робувам на 5 јули и како датум да се држам фиксно до него. Имајќи предвид дека и Мицкоски и јас повеќе пати спомнувавме дека поприфатливо е изборите да се одржат во среда како неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули среда, а во понеделник и вторник ќе гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација, граѓаните позитивни кои се во болници и дома, сите хронични болни, повозрасните луѓе, рече лидерот на СДСМ во Струмица, каде што присуствуваше на увидот на завршните работи на новото болничко крило.на струмичката Општа болница.
Заев, при тоа уште еднаш потенцираше дека опозицијата треба да учествува на изборите, а сепак тие да бидат во разумен рок со цел есента да се дочека со активно собрание и со политичка влада со полн легитимитет.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, без конкретен одговор на понудата, го повторија ставот дека избори се можни, но инсистираат прво на заштита на здравјето на граѓаните, како и на квалитетен меѓународен мониторинг и прочистен избирачки список.
-Во однос на изборниот процес инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите и меѓународните стандарди. Заев сака избори без набљудувачка мисија на ОБСЕ и да немаме прочистен избирачки список. Она што Заев го сака е избори каде ние ќе броиме корона-жртви, каде ќе немаме прочистен избирачки список, и без квалитетен меѓународен мониторинг. Тоа би значило изборна кражба, а не потврда на народната волја, рече на новинарско прашање на прес конференција Орце Ѓорѓиевски член на ИК на партијата
Претседателот Стево Пендаровски во петокот не прогласи нова вонредна состојба, а лидерската во формат Заев – Мицковски што се одржа на негова иницијатива со цел двете најголеми политичките партии од власта и опозицијата да се договорат за датумот за изборите, заврши без договор. Со организирање изборен процес кој не би бил инклузивен, според него, земјата може да влезе во длабока политичка криза.
-Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за дестабилизација преку хибридни закани и лажни вести, не можеме да исклучиме дека евентуланата правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна, рече претседателот Пендаровски.
Во меѓувреме, Државната изборна комисија на седница во петокот започна со преземање на сите неопходни активности – технички и административни за подготовка на преостанатите изборни дејствија за претстојните предвремени парламентарни избори согласно Уредбата на Владата со законска сила.и согласно Изборниот законик. До Министерството за внатрешни работи и до управите за санкции и за водење матични книги ќе испрати барања за прибирање на потребните податоци за ажурирање на Избирачкиот список.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека во моментов работат на дислоцирање на избирачки места согласно со насоките на здравствените власти.
– Без разлика кога ќе биде денот на изборите, ние им дадовме на некој начин насока на нашите подрачни единици вработените таму да бараат избирачки места со поголема квадратура, со отворени прозорци, според насоките од здравствените власти за да може да дислоцираме избирачки места. И има доста голем број којшто дале повратен одговор и каде што вршиме и промена на избирачките места. Значи, таа постапка е во тек и ќе продолжи се додека имаме можност и време да го направиме тоа. Значи, 3.480 избирачки места, од нив имаме некаде околу 700 што се со договори за закуп од приватни лица. Тоа веројатно ќе ни биде поголем проблем бидејќи тие се простории со помала квадратура, но се надевам дека ќе успееме на крајот да обезбедиме доволно добри простории за излегување на процесот, рече претседателот ДИК.
Со цел поефикасно справување со пандемијата на Ковид – 19, претседателот Пендаровски по предлог на Владата, првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. втората на 16 април, и двете со времетраење од 30 дена, а третата и четвртата која истече ноќеска на полноќ беа со времетраење од 14 дена.