Полицијата во Холандија истражува за големи измами од страна на бугарски банди со молби за станбена помош и други социјални плаќања од холандскиот социјален систем, соопшти новинарскиот сајт dutchnews.nl.
Според телевизијата Ер-Те-Ел, доверливата истрага покажала дека бандите испраќаат странски државјани во Ротердам, каде впишуваат непостоечки луѓе во општинските регистри, а потоа во нивно поднесуваат барања за станбена и здравствена помош.
Во еден случај еден осомничен бугарски измамник планирал да земе под наем автобуси за да испраќа колку што е можно повеќе луѓе во Холандија да се регистрираат за социјална помош.
Измамниците се регистрираат пред општинските власти во Ротердам со својот документ за идентификација и фалсификуван договор за наем. Тие добиваат официјален број што го даваат на бандата и се враќаат во Бугарија. Бандата потоа може да го искористи овој број за аплицирање за станбена и здравствена помош, што на еден човек може да му донесе меѓу 6.000 и 8.000 евра.
Даночната служба веднаш ја исплаќа помошта, а дури потоа ја проверува легитимноста на барањето, забележува Ер-Те-Ел.
Во реакција за измамата државниот секретар на Министерството за финансии Франс Векер изјави дека е „недозволиво холандскиот даночен систем да се употребува како банкомат“.
Холандија е една од четирите земји во ЕУ кои водат кампања за построги правила за борба со „туризмот за социјална помош“, забележува dutchnews.nl.