Возачите на Формула 1 нема да слават на подиумот по трките оваа сезона заради новите правила воведени поради ситуацијата со пандемијата КОВИД-19.
Парадата на пилотите пред стартот, исто така нема да се одржи, бидејќи натпреварите ќе бидат без публика.
– Практиките што ги имавме во минатото едноставно не можат да се спроведат. Церемонијата на подиумот не може да се одржи, но ние размислуваме да сториме нешто по трката. Една од можностите е да ги организираме автомобилите на пистата и пилотите да застанат пред нив. Не можеме да ги предадеме трофеите, бидејќи мора да задржиме социјална дистанца. Но, ние подготвивме планови и процедури за да можеме да ги претставиме на телевизија, рече извршниот директор на Формула 1, Рос Браун, за www.formula1.com.
Новата сезона во Формула 1 ќе започне со Големата награда на Австрија на 5 јули. Натпреварот ќе се одржи без публика.