Повеќе стотици луѓе учествуваа на првиот палестински маратон на Западното крајбрежје, кои трчаа околу библискиот град Витлеем, бидејќи просторот е ограничен поради бариерите кои ги постави Израел за да се одвои од Палестинците.
Маратонот не беше само спортски настан туку имаше и политичка порака, а патеката беше украсена во боите на палестинското знаме, пренесе „Асошиејтед прес“.
Некои од учесниците носеа маици со натписи, со кои се одадоа почит на жртвите од минатонеделниот маратон во Бостон, додека други мавтаа со транспаренти со поддршка на Палестинците.
Трката започна пред Црквата на Христовото раѓање, подигната на местото каде што според христијанското верување се родил Исус Христос и продолжи покрај бетонските бариери и израелската посматрачница, пред која често протестира палестинската младина.
Во трката најбрз беше Абдул Насер Џавани од Јерихон, кој патеката ја помина за три часа девет минути и 47секунди, додека најбрза жена беше од Витлеем, чие име не е соопштено.
Израел не дозволи во трката да учествуваат Палестинци од другите територии, појасот Газа со кој владее Хамас.
Во март ОН го откажаа маратонот на таа палестинска територија, бидејќи хамасовците не дозволија и жените да учествуваат во трката.
Елена Георгиевска