Транспаренси Интернешнел Македонија го поддржува ставот на народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во постапките во Јавното обвинителство.
Како што е наведено во денешното соопштение од Транспаренси Интернешнел Македонија, народниот правобранител во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за извештајната 2019 година констатира дека поплаките кои се однесуваат на работата и постапувањето на Јавните обвинителства во Република Северна Македонија се во помал број во однос на поплаките во претходната година.
Сепак, како што се додава во соопштението, забелешките во однос на долготрајноста на предистражните постапки кои се водат пред Основните јавни обвинителства и неинформирањето на граѓаните – подносители на пријави за текот на истите, останува проблем карактеристичен и за овој извештаен период.
– Имено, за случајот „Банки“ или случај „Кубус”, започнат по пријава на оштетениот пред МВР и од таму доставен во Основно јавно обвинителство Скопје за повеќе кривични дела, меѓу кои, „Измама“, „Злоупотреба на службената положба и овластување, како и за кривично дело „Злосторничко здружување“, и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, во 2013 година, ова јавно обвинителство побара решавање на судир на надлежност пред Вишото јавно обвинителство, кое во септември 2019 година донесе решение со кое за стварно надлежно го огласи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, велат од Транспаренси Интернешнел Македонија.
Во ноември истата година, како што стои во соопштението, Основното ЈО Скопје писмено го известило народниот правобранител дека за едно од пријавените дела настапила застареност за кривично гонење, а од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција доставено е известување дека предметот се наоѓа се уште во предистражна постапка. – Ваквата состојба несомнено укажува дека поради ненавременото постапување и преземање дејства од Јавното обвинителство се предизвикува штета на граѓаните и истите се попречени во остварување на нивните права, се наведува во соопштението.
Според народниот правобранител нема никакво оправдување за јавните обвинители, воопшто да не преземат какви било дејствија по одредена кривична пријава, иако за тоа неспорно имаат овластувања, или пак, да преземат одредено дејствие неколку години после предвидениот законски рок.
Од Транспаренси Интернешнел – Македонија посочуваат дека го следат овој случај од јануари 2016 година и дека прерасна во случај од кој можат да се согледаат многубројни неправилности во работењето на банкарскиот сектор.
– Од исклучителна важност е тоа што народниот правобранител се приклучи кон барањата да нема недопирливи и да се заштитат човековите права, посебно правото на еднаквост пред законот, се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл Македонија.