Група бегалци кои барале азил била злоупотребувана од хрватската полиција на границата со Босна и Херцеговина минатиот месец, соопшти денеска хуманитарната организација „Амнести интернешнл“ (АИ).
„Шеснаесет лица од Авганистан и Пакистан биле киднапирани, претепани и врзани од страна на хрватски полицајци, кои потоа им размачкувале храна по раните“, соопшти „Амнести“ по сведочењето на шестмина бегалци.
Десет мажи се здобиле со сериозни повреди, вклучувајќи скршеници на коските и повреди на главата, а на една од жртвите оттогаш му е потребна инвалидска количка.
Според сведочењето на жртвите, меѓу осум и десет полицајци во црни униформи ги злоупотребувале бегалците во текот на ноќта меѓу 26 и 27 мај недалеку од Плитвички Езера, пренесува „Јутарњи лист“.
Според сведоците, полицијата „пукала во воздух, а потоа ги удрила и ги тепала заврзаните мажи со метални прачки и со рачка од пиштол“, се вели во соопштението на „Амнести интернешнл“.
„Полициските службеници потоа им триеле кечап, мајонез и шеќер во раскрвавените глави на бегалците и на косата на другите бегалци“, се вели во соопштението на организацијата.
АИ информира дека подоцна е разговарано со лекари во БиХ, каде што биле протерани азилантите, при што тие потврдиле дека бегалците за време на тортурата се здобиле со фрактура на коски, исеченици, модринки, повреди на главата и колапс на белите дробови.
Хрватското Министерство за внатрешни работи сè уште не ги коментираше обвинувањата.
– Европската Унија веќе не смее да молчи и намерно да го игнорира насилството и злоупотребувања кои ги вршат хрватските полицајци на границата, бидејќи со тоа дава своја согласност и ги охрабрува сторителите да продолжат да го прават истото, без последици, предупреди Масимо Морати, заменик-директор на Канцеларијата за Европа на „Амнести интернешнл“.