Во рамки на свеченоста за одбележување на Денот на Воздухопловниот ВИНГ денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, беше демонстрирано летање од страна на авијацијата на Армијата, како и прелет на авионите Ф-16 кои го изведуваат редовното воздушно патролирање на НАТО над нашата територија, кое почна со нашето полноправно членство, а кое согласно техничкиот аранжман го реализира военото воздухопловство на Република Грција.
– Денешниот ден покажа што значи да се биде членка на НАТО. Тоа значи да ги имате НАТО воздухопловите, во случајов од воздухопловните сили на Грција, да го чуваат и да патролираат на нашето небо што денеска беше одлично совпаѓање со прославата на Денот на Воздухопловниот ВИНГ. Токму во денот кога единицата го слави својот јубилеј, да го имаме денот на кој што се врши овој Air policing. Ова е област во која Северна Македонија ја забележа својата прва целосна интеграција во НАТО структурите, нагласи министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свеченоста.
Истакнувајќи ја подготвеноста за инвестиции и во персонал и во опрема за овој значаен сегмент министерката Шекеринска посочи дека целта е да се подобрат условите за работа во Воздухопловниот ВИНГ и да се намали разликата во капацитети и опрема со останатите членки на НАТО.
– Успеавме сериозно да ги зголемиме приходите на сите припадници во воздухопловниот ВИНГ кои се специјализирани во делот на воздухопловство. Ми беше задоволство што успеавме некои поранешни припадници да ги вратиме во составот на Армијата, но и на сите помлади и поискусни да им обезбедиме плати кои беа зголемени меѓу 30 и 60 проценти, или искажано во суми некои надминуваат и 100.000 денари, што се едни од највисоките примања во Армијата. Зголемување на платите има и кај професионалните војници кои пред три години имале месечни примања од 30.000 денари а сега околу 46.000 денари, и секој повисок чин значи уште поголема разлика во месечните примања сега и пред три години, посочи Шекеринска.
Таа се заблагодари на посветеноста на Армијата во борбата со коронавирусот и упати честитки што најновото истражување на јавното мислење покажа дека граѓаните имаа највиока доверба во Армијата.
– Таа доверба не е без причина, туку е градена со секоја одлука да се помогне и на државата и на секој граѓанин, рече министерката Шекеринска посакувајќи им на нашите армиски воздухопловци мирно небо при управувањето со леталата на Воздухопловниот ВИНГ.