Во Италија бројот на луѓе што оваа година ќе одат на одмор е намален за речиси една четвртина во однос на минатата година. Повеќето ќе останат во својата земја, а најпопуларната дестинација меѓу оние што ќе патуваат во текот на летото е регионот на Пуља.
Здружението за заштита на потрошувачи „Кодаконс“ во своето истражување посочува дека пандемијата на Ковид-19 ги променила навиките на Италијанците, кои ќе поминат помалку денови одмор оваа година отколку во претходните години – во просек седум дена.
Истражувањето покажа дека околу 50 отсто од Италијанците ќе одат на годишен одмор, што е за 23 отсто помалку отколку во 2019 година, од кои 80 проценти ќе ги поминат годишните одмори во својата земја.
Најпопуларните дестинации ова лето кај Италијанците се Пуља, позната како „петата од италијанската чизма“, за која се определија 28 отсто од италијанските туристи, а потоа следат Сицилија со 24 отсто и Сардинија со 18 отсто. За планина се определиле 15 проценти од Италијанците, покажуваат податоците на „Кодаконс“.
Се проценува дека Италија од март до мај, поради блокада на туризмот предизвикана од пандемијата, остана без десетици милиони туристи во пролетната сезона, а со тоа и без милијарди евра заработка.
Туризмот, кој вработува околу 4,2 милиони луѓе во Италија и учествува со околу 13 проценти од БДП на земјата, оваа година е најтешко погодена стопанска гранка.
Италија од 3 јуни истовремено ги отвори регионалните граници, по околу три месеци мерки за ограничено движење и дозволи влез од земјите на ЕУ и Шенген зоната.