Награда за најдобар краток филм на Бруклин филм фестивалот доби филмот „Налепница“ на Георги Унковски. Овој филм беше прикажан во конкуренција на фестивалот Санденс, а доби и престижна награда во Словачка.
Како што соопшти денеска Агенцијата за филм, „Налепница” исто така е селектиран и ќе биде прикажан на претстојното издание на „Palm Springs International Short Film Fest 2020“, што оваа година ќе се одржи од 16 до 22 јуни.
Викендов, како што наведува Агенцијата, свое прикажување во рамките на иницијативата „We Are One – A Global Film Festival“ имал и филмот „Знак” на Елеонора Венинова.
-Планетарната криза со Ковид-19 има големи реперкусии и во функционирањето на Агенцијата за филм, а тоа секако значи дека и македонскиот филм е пред предизвици. Застојот со Ковид-19 ги стави во мирување сите проекти на Агенцијата, а филмските работници кои се најчесто фриленсери немаат покриено придонеси и редовен месечен надомест. Агенцијата за филм заедно со Друштвото на Филмските Работници – ДФРМ, иницираше и издејствува средства за субвенција на филмските работници за два месеца. Исто така сите проекти кои беа во завршна фаза, Агенцијата направи напор да бидат исплатени, а притоа напомена приоритет во исплатите да бидат слободните филмски работници кои работеле на овие филмови, соопшти Агенцијата.
Посочува дека ова се првите интервентни мерки преземени од европските фондови за ублажување на влијанието на последниците од епидемијата, а како што подвлекува во соопштение, ќе ги има и во периодот кој следи.
-На македонскиот филм му посакувам да продолжи да ја живее својата ренесанса и да се продуцираат добри и квалитетни филмови кои ќе остават печат во домашната и странската кинематографија. Во оваа криза пред сė мораме да ги заштитиме филмските работници, тие посветени професионалци без кои нема да има македонски филм. Агенцијата ќе ги објави резултатите од конкурсот за филм како и секоја годината кон крајот на јуни, почеток на јули, истакна директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.