Гојко Јаковлевски, братот на Мане Јаковлевски, во отворено писмо бара претседателот на Република Македонија да го амнестира Љубе Бошкоски.
„Смогнете сила и за Велигден, амнестирајте го братот Љубе Бошкоски, кој според мене невин гние во затворот во Идризово. Не сакам да ја толкувам судската пресуда, дали е правна или пак политичка, но затоа Вие како шеф на државата, татко на нацијата, во Ваша надлежност е недоследностите и грешките на правниот систем да ги согледате, исправите и правилно да реагирате“, му пишува Јаковлевски на претседателот Иванов.
Јаковлевски посочува дека оваа одлука ќе биде поздравена од македонскиот народ, бидејќи Љубе се борел и страдал за Македонија.
„Брат Љубе доста даде за Македонија, а Македонија му се заблагодари со зандана. Терористите кои ги напаѓаа нашите легитимни одбранбени сили, полицијата и војската, малтретираа македонско население, се изживуваа, нив македонскиот парламент ги амнестираше. Дали е ова голема неправда?
Да. Генерациите кои доаѓаат по нас, ќе го осудат македонското државно раководство и ќе издејствуваат судска рехабилитација. Господине претседателе, имам голема доверба во вас, дека како врвен интелектуалец и познавач на правото, како чесен граѓанин и патриот, како акт на простување и помирување, а не како акт на одмаздување, ќе го донесете актот за амнестија. Брат Љубе од затвор им се извини на премиерот, на директорот на ДБК, на мајка му на премиерот, дека навредите во изборната кампања биле само шега“, пишува Јаковлевски.
Со ова вели ќе се стави крај на раздорот меѓу Македонците, и ќе се заборави синдромот на самоуништување.