Намаленото производство ја крева цената на доматите и краставиците во Струмичко

Од:

И производителите и откупувачите се задоволни од откупните цени на доматите, краставиците и пиперките во овој период од производствената сезона. Тие се согласни дека високите откупни цени, кои се движат од 40 до 50 денари за килограм, се должат на намаленото производство на овие градинарски култури.

– Годинава градинарите ги зголемија површините со пролетната зелка, а драстично ги намалија тие под домати и краставици. Изминатите денови трговци од разни краеви бараат низ селото домати и краставици, но, според моите сознанија, на прсти можат да се избројат земјоделците кои ги засадија, рече Бончо Божиков, земјоделец од село Дабиле и претседател на тамошната месна заедница.

Откупувачите додаваат дека покрај намаленото производство, на повисоките откупни цени влијае и отворењето на пазарите и границите.

– Црвените се откупуваат за 40, а розевите за 50 денари за килограм. Пиперката ја откупуваме за 40-45 денари, а краставиците до 50 денари за килограм. Најмногу интерес има од пазарите во Србија, држави од ЕУ и Украина. Се надевам дека ќе има доволно производство за да ги задоволиме побарувањата и нема да има никаков застој во откупот и пласманот, рече Благој Витанов, трговец од Струмица.

Други откупувачи додаваат дека покрај големиот интерес за раноградинарксите култури, очекуваат добро да поминат и производителите на бостан, за кој пред почетокот на бербата имало голем интерес.

Некои производители, кои поминаа лошо со пролетната зелка, се надеваат дека со повисоките откупни цени на доматите, краставиците и пиперките, ќе ги покријат загубите од ниските откупни цени на зелката.

На пазарите на мало во Струмица доматите се продаваат од 60 до 80 денари за килограм, пиперките 70, а краставиците од 60 до 70 денари за килограм.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници