Новоизбраната градоначалничка на Богданци од коалицијата „За подобра Македонија“ Анастасија Олумчева денеска официјално стапи на функцијата откако го доби уверението за избор од претседателот на општинската изборна комисија, Соња Маџирова.
Првата жена градоначалник што ќе ја води општина Богданци вети експедитивно и одговорно работење за време на мандатот што и го доверија граѓаните.
– Ќе се залагам да ја оправдам довербата и ревносно ќе ги извршувам сите одговорности кои се очекуваат од мене, нагласи Олумчева.
На примопредавањето на функцијата Олумчева доби честитки од досегашниот градоначалник Ристо Ичков.
-Општина Богданци треба да си го продолжи својот пат рамо до рамо со другите општини бидејќи го заслужува тоа и сигурен сум дека и сега општината е во добри раце, рече Ичков.