Јанкулоска: Миграцијата не значи ограничување, туку слобода, мобилност, креативност и развој

Од:

Миграцијата сама по себе не значи ограничување, туку слобода, мобилност, креативност и развој, а придобивките од оваа мобилност најдобро можат да се препознаат во визната либерализација, која овозможи поголем проток на луѓе, идеи, културно и социјално преплетување.

Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на Петтата министерска конференција во рамки на Будимпештански процес посветена на миграциското партнерство на земјите од „рутата на свилата“, што денеска се одржува во Истанбул, Република Турција.

– Со желба граѓаните на Република Македонија да можат оваа суштествена придобивка да ја користат и во иднина, македонската Влада континуирано презема енергични мерки насочени кон намалување на бројот на лажни баратели на азил, рече Јанкулоска и додаде дека мерките вклучуваат законски измени, многубројни информативни кампањи за значењето на безвизниот режим и обврските кои произлегуваат од него.

Како илустрација таа посочи дека  само од аспект на нормативната злоупотреба на безвизниот режим во изминативе година и половина кривично се пријавени 15 лица за сторени 10 кривични дела поврзани со злоупотребата на безвизниот режим.

– Неспорно е дека мерките што ги превзедовме не само во поглед на кривичното и прекршочно санкционирање но и во поглед на превенцијата и социо-економските мерки за сузбивање на причините за злоупотреба на визната либерализација, ги дадоа очекуваните резултати, па така Република Македонија повеќе не претставува закана поради која би можело да се суспендира визната либерализација. Република Македонија има недвосмислена евроатлантска визија и е подготвена во соработка со останатите земји да допринесе за силна и ефективна Европа, истакна Јанкулоска.

Република Македонија, како што нагласи, се залага за ефикасно управување со миграционите процеси и градење активна, конзистентна миграциона стратегија, притоа водејќи сметка за националниот, општествениот, економскиот и културниот развој на земјата.

– Станува збор за политика која се базира на начелата на почитување и заштита на човековите права и слободи, солидарност, долгорочна макроекономска корист и развој, користење на предностите на легалните миграциони движења, во насока на проширување на слободната економска иницијатива и слободните текови на капитал, со политиката на легалните и слободни миграции, додаде таа.

Денешниот  настан, како што истакна Јанкулоска, претставува одлична можност за согледување на миграциските процеси и нивно менаџирање  на една одржлива и постојана основа.

– Истанбулската декларација е доказ за нашата посветеност во тој правец, а преку ова партнерство дадена ни е можност да ги подобриме условите за легалната миграција, но и за мобилноста, да ја спречиме илегалната миграција, да ги олесниме процедурите за реадмисијата и враќањето и да ја спречиме и ефективно да се бориме против трговијата со луѓе. Истанбулската декларација не е само инструмент со кој уште еднаш ќе ги потврдиме нашите заложби, туку е суштински стандар кој ни дава насока како преку заедничка соработка реално да бидеме поефективни, да ги препознаеме новите предизвици и според нив, да ги дефинираме нашите идни акции, рече министерката.

Пред учесниците на конференцијата таа рече дека спречувањето и борбата против илегалната миграција во континуитет се следи и дава резултати единствено преку заедничко дејствување.

– Поради својата гео-политичка позиционираност илегалните мигранти од афро-азиските држави ја користат Република Македонија како земја транзит на патот на т.н. „балканско-западна рута“ со цел да заминат во некоја од западно-европска држава, рече Јанкулоска и посочи дека последниве неколку години за двојно повеќе е зголемен бројот на илегални мигранти од овие земји, а истовремено откривачката функција на граничната полиција е зголемена за скоро 100 отсто.

Македонските надлежни служби, како што истакна, само изминативе неколку месеци успеаја не само да  откријат голем број мигранти, туку и да го препознаат нивниот нов  модус операнди,  потпомогнато криење во товарни возови кои од Грција се упатуваат кон европските држави.

– Значајно е да се истакне дека оваа година постигнато е зголемување од 44 проценти во однос на откривањето на делата „криумчарење мигранти“, при што кривично беа пријавени 70 сторители, рече Јанкулоска.

Во овој контекст ја нотира и надворешната димензија на трговијата со луѓе и разорното дејство што таа го носи врз сите земји.

– Неколкугодишното континуирано рангирање на Република Македонија во групата Тиер 1, според извештаите на американскиот Стејт Депртмент по однос на трговијата со луѓе несомнено ги отсликува нашите досегашни резултати, но и нашата решителност за бескомпромисна борба против овој вид организиран криминал.  Впрочем најдобар показател е статистичкиот податок дека само изминатата година беа донесени пресуди според кои 20 лица се осудени на казна затвор до 10 години за извршено кривично дело „трговија со луѓе“, истакна Јанкулоска.

Република Македонија настојува, како што посочи таа, на еден системски начин да се вклучи во партнерски однос во процесот на изнаоѓање одговор на Европскиот глобален пристап кон прашањето на меѓународната миграција.

Министерката Јанкулоска пред учесниците на конференцијата презентира низа од активностите што македонското МВР ги има преземено во изминатиот период по однос на проблематиката на миграциите, притоа потенцирајќи дека Будимпештанскиот процес претставува извонреден механизам за промовирање на начелата за миграција и надвор од границите на континентална Европа.

На конференцијата на која учествуваат министри за внатрешни работи на земји членки на ЕУ, како и министрите за внатрешни работи од Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Босна и Херцеговина, Азербејџан, Авганистан, Пакистан, Ирак, Руската федерација, предвидено е по нејзиното завршување да биде усвоена заедничка Декларација за воспоставување миграциско партнерство со цел да се промовира дијалог и соработка за управување со миграциските текови кои се случуваат долж „рутите на свилата“, со што се потврдува пренасочувањето на географскиот опсег и фокусот на Будампештанскиот процес.

Би можело да ве интересира

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

СДСМ: Тошковски удри по професионалците во МВР

МВР предупредува на лажни „финансиски советници“ за криптовалути на социјални мрежи

Катерина Ѓуровски

Скопјанец возел во спортивна насока на автопатот кон Тетово

Скопската полиција заплени 6,2 килограми марихуана и 442 таблети екстази

Спасен давеник од Дојранско езеро