Нема приближување на ставовите за терминот за избори

Од:

Нема приближување на ставовите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Двете партии остануваат на своите позиции, но, сепак, не ја исклучуваат можноста за евентуален договор, иако инсистираат да отстапи другата страна.

СДСМ бара избори на 21 јуни, а ВМРО-ДПМНЕ предлага изборно соочување кон крајот на август или почетокот на септември. Партиите од албанскиот политички блок чекаат договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, иако ДУИ јавно се декларира за брзи избори зависно од состојбата со Ковид-19, Алијансата за Албанците и Алтернатива се за избори на 26 јули, а БЕСА е против пролонгирање на изборите и ќе го прифати евентуалниот меѓупартиски консензус.

Договор за одржување на предвремените параламентарни избори е можен се додека трае вонредната состојба, но ако тоа не се случи останува да се почитуваат законски утврдените рокови, порачуваат од СДСМ. Сметаат дека треба да се направат напори да се дефинира датумот, зашто пролонгирањето на изборите за наесен би преставувал преголем ризик за државата, поради можноста од нов бран на коронавирусот.

– Сакавме компромис и затоа и учествуваме на лидерските средби. Но, ако ВМРО-ДПМНЕ не сака договор, ние нема нема да дозволиме штета на државата и граѓаните. Договор за одржување на предвремените параламентарни избори е можен се додека трае вонредната состојба. Понатаму стапува во сила законот кој вели дека изборите треба да се одржат на 21 јуни. Мора да водиме грижа за сите аспекти, грижа за државата, за здравјето на граѓаните и секако да се обезбедат функционални институции. Не смееме да дозволиме да се нанесе штета на државата, штета на граѓаните и никако не смееме да дозволиме земјата да ја воведеме во уставна криза, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговараат дека компромис е можен, доколку има рационален пристап од другата страна и приближување на ставовите, и ако приоритет за сите е здравјето на граѓаните и справување со пандемијата. За нив фиксниот датум што се предлага од СДСМ е реално и физички неостварлив имајќи ја предвид состојбата во државата со бројот на новозаболени.

– Од една страна имаме рационални ставови во однос на организирање избори кои се пласирани од ВМРО-ДПМНЕ, со кои што се согласуваат граѓаните. Од друга страна имаме ставови кои се небулозни, конфузни од страна на СДСМ кои се единствено во насока во обид да ги спасат криминалите на власта. Во интерес на државата е да има термин за избори кога ќе нема опасност за здравјето на граѓаните, ќе има фер избори, мониторирани од набљудувачи, а тоа во моментов е неостварливо, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема иницијатива за нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски. На двете досега одржани, партиските лидери не постигнаа консензус за датум за предвремени парламентарни избори. Првично, изборите беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот и вонредната состојба тие беа одложени со владина Уредба со законска сила.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он