Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Македонскиот Институт за медиуми (МИМ) и Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) денеска оценија дека министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски направил добар чекор со најавата за продолжување на јавната дебата за законот за медиуми.
– Иако нашето барање беше дебатата да трае 3-5 месеци за да се овозможи сериозен инпут и дискусија околу предложените решенија, сепак сметаме дека Владата овозможува поразумен рок од претходно најавениот. Ќе направиме се што е во наша моќ на конструктивен начин да го коментираме предложениот текст, се наведува во соопштението од ЗНМ.
Го повикаа Министерството за информатичко општество и администрација на поголема отвореност и еднаков третман на сите актери во заедницата, со можност сите забелешки да се вкрстат на јавна сцена.
– Сметаме дека одговорноста на Министерството за овозможување целосна партиципативност останува. Очекуваме дека Владата сериозно ќе ги разгледа забелешките што ќе произлезат од јавната расправа и клучните забелешки ќе ги прифати, се наведува во соопштението.