Албанската полиција се судри со опозиционерите кои денеска протестираат против рушењето на зградата на Националниот театар.
Пред да почне рушењето на зградата, групата уметници и некои опозициски лидери беа отстранети од местото. Во текот на целиот ден ситуацијата е тензична, пренесуваат албанските медиуми.
На телевизиска снимка може да се види како полицијата ја внесува во комбе лидерката на малата опозициска партија Движење за Социјалистичка интеграција, Моника Криемади, инаку сопруга на претседателот на државата Илир Мета. Криемади дала отпор во моментот кога полицијата асистирала за влез на машинеријата за уривање на театарот. Медиумите известуваат дека меѓу приведените има и новинари.
На одлуката на Владата да ја сруши зградата на Народниот театар, кој го изградиле Италијанците кога ја окупирале Албанија во Втората светска војна, се спротивставија уметници, политичари од опозицијата и други граѓани, кои сметаа дека таа треба да биде реновирана.