Убер денеска претстави нови мерки за безбедност за „новите нормални околности“, како на пример носење заштитни маски, кои се задолжителни за возачите и патниците низ целиот свет.
Компанијата од понеделник ќе побара од возачите и од секој што го користи овој вид на превоз со возач во САД, Канада, Мексико, Европа и повеќето земји од Латинска Америка и Азија, да носат прекривка за лице, а патниците да седат во задниот дел.
Компанијата исто така ќе го намали бројот на дозволени клиенти од четири на три.
Непочитувањето на мерките може да доведе до деактивирање на апликацијата и за возачот и за патниците, соопшти компанијата.
За да можат да примат корисници, возачите мора да направат селфи и апликацијата нема да им дозволи да работат ако нивната опрема не е целосна. Возачите исто така не смеат да имаат никакви симптоми на коронавирус и мора да потврдат дека го дезинфицирале возилото.
Тие можат ако сакаат да постават заштитна бариера меѓу предниот и задниот дел од автомобилот.
– Возачите и корисниците кои ги кршат правилата за носење маски би можеле да ја загубат можноста да користат Убер, нагласи компанијата.