Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, на покана од генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, денеска во Стразбур ќе учествува на работна вечера со министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан, на која почесен гостин ќе биде еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Како што соопшти МНР, во рамки на посетата, Попоски ќе има обраќање на дебатата организирана од групата Пан-Европа во Европскиот парламент на тема перспективите во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, а предвидени се и средби со повеќе европратеници.
Министерот Попоски од Стразбур заминува за Брисел каде што утре треба да се сретне со генералниот директор за проширување во Европската комисија Стефано Санино, а ќе учествува и на работна вечера во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“ на која ќе има обраќање на тема „Балканот пред портите: случајот на Македонија“.
Во рамки на посетата, предвидено е шефот на македонската дипломатија да има работен појадок со амбасадорите, постојани претставници на земјите-членки на ЕУ во Брисел, непосредно по објавувањето на Пролетниот извештај на Комисијата за Македонија. Настанот е во организација на францускиот амбасадор при ЕУ во Брисел.
Работната посета е дел од активностите за унапредување на соработката на Република Македонија со институциите на ЕУ, во пресрет на Пролетниот извештај на ЕК, а во функција на што поскоро почнување на пристапните преговори, стои во соопштението од МНР.