Се молат граѓаните без поголема потреба да не ги напуштаат своите домови и да не се собираат и групираат. Почитувањето на мерките во голема мера ќе придонесе за спречување на понатамошно ширење на вирусот, стои во апелот што денеска го упати Лекарската комора на Република Северна Македонија.
Со цел да се зачуваат капацитетите во здравството, истакнуваат, голема поддршка за здравствените работници да се справат со пандемијата е сите институции, здруженија и граѓани да ги почитуваат мерките и насоките за заштита на нивното здравје. Поради тоа, посебен апел Комората упатува до оние кои сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во којашто сите заедно се наоѓаме.
– Имајќи ги предвид препораките и заклучоците на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за корона вирусот, како и фактот дека на територијата на нашата држава сѐ уште бројот на заболени од корона вирусот не опаѓа со очекувана динамика, Лекарската комора на Република Северна Македонија апелира до сите институции, здруженија и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство за намалување на ризикот од ширење на корона вирусот и мерките за заштита и превенција од Ковид-19. Посебно да се почитува мерката со која се забранува собирање во група не повеќе од две лица, во паркови и други јавни места и јавни површини, соопшти Лекарската комора.
Мерките, потенцираат, мора да се почитуваат, бидејќи од тоа зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик.
– Затоа е потребно да се покаже највисоко ниво на самосвест, солидарност и заедничка одговорност, дека знаеме и можеме да се справиме и со овој голем предизвик со којшто се соочува целиот свет. Комората уште еднаш апелира, дека треба најсериозно да ги сфатиме и почитуваме мерките на Владата на Република Северна Македонија, бидејќи така го штитиме колективното здравје, стои во соопштението.