Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Кетрин Ештон утре попладне ќе пристигне во посета на Република Македонија во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
Посетата на Ештон се совпаѓа со презентирањето на пролетниот извештај за Македонија од страна на еврокомесарот Штефан Филе пред Европарламентот, од кој зависи дали земјата ќе добие датум за преговори на самитот на Европскиот совет во јуни. Се очекува таа во Скопје да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со претседателот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски.
Делегацијата на ЕУ во Скопје информира дека Ештон ќе има прес-конференција во ЕУ Инфо центарот во 19:15 часот. Други детали за разговорите во Скопје не се соопштуваат.
На веб страницата на ЕК спроти турнејата низ регионот првиот дипломат на ЕУ најави дека целта на посетата е интензивиеање на процесот на евроинтеграција за земјите-аспиранти за членство во Унијата од регионот.
– Патувам во Западен Балкан за да го засилам ангажманот на ЕУ за европските перспективи на земјите од регионот. Ќе ги охрабрам лидерите во регионот да продолжат со процесот на реформи и промоворањето на добросоедските односи, вели Ештон во изјавата по повод дипломатските активности.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски минатата недела истакна дека посетата на Ештон е дел од редовната комуникација со Европската комисија и нема дирекна поврзаност со прашањето за името и последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц.
– Се работи за нормална комуникација со ЕК по завршувањето на последниот пристапен дијалог на високо ниво. Ештон е фокусирана на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но не мислам дека има корелација во однос на континуираниот процес кој го водиме во ОН за решавање на спорот со Грција, рече Попоски.
Инаку Попоски, утре ќе престојува во Стразбур на покана на Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ, ќе учествува на работна вечера со министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан, на која почесен гостин ќе биде еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Кетрин Ештон, според најавата од ЕК, ќе ги посети и Подгорица и Тирана. Други станици за време на посетата на Западен Балкан на Ештон ќе бидат објавени подоцна за време на самата турнеја, се наведува на веб страницата на ЕК.