Жените остварија извесни подобрувања во однос на застапеноста на последните локални избор во споредба со 2009 година, покажува анализата на Македонското женско лоби и Институтот за општествено хуманистички истражувања при Универзитетот Евро-Балкан.
Во однос на изборите од 2009 година во кој нема ниту една жена градоначалник, на локалните избори 2013 година има четири градоначалнички, кои се избрани во конкуренција од 339 кандидати од кои 26 жени.
За советнички места, од вкупно избраните 1347 кандидати, 405 или 30 отсто се жени, што претставува три проценти повеќе од локалните во 2009 година, се наведува во анализата за застапеност на жените како кандидатки и избрани на локалните избори во рамките на проектот „Ние сме лидерки, ние носиме промени во нашите заедници“.
– Според бројките можеме да заклучиме дека партиите го почитувале изборниот законик во однос на кандидирањето на советнички каде се забележува поместување во смисла на правилото за кандидирање на 3-то, 6-то, 9-то место на листата, а сега ги има на второ место или споено едно до друго што многу ретко се случувало досега, истакна на денешната прес-конференција Даниела Димитриевска, директорка на Македонското женско лоби.
Од вкупно 25 кандирани жени за градоначалнички, најголем број се независни кандидатки или од помали политички партии.
Како препорака, посочи Димитриевска, треба да се унапреди трендот на кандидирање жени за градоначалнички, да се почитува духот на изборниот закон претставен преку родовата квота.
Во рамките на проектот, во предизборните активности биле одржани 17 еднодевни обуки низ целата држава со 361 кандидатка за локални советнички. Една третина од кандидатките обучени за зајакнување на капацитетите се избрани за советнички.