Општина Карпош спроведе повеќе мерки за заштита на младите од коронавирусот, но и за нивно активно вклучување во општеството. Потребно е да се зголеми поддршката за мерката Младинска гаранција, која овозможува вработување или јакнење на вештините на младите, истакна градоначалникот на општината, Стефан Богоев.
Тој на вчерашната онлајн дебата организирана од Младински сојуз – Крушево, рече дека во соработка со Сојузот на извидници се организираа редарски служби пред маркетите, за граѓаните да одржуваат физичка дистанца, а со Црвениот крст, со младите волонтери формирани се мобилни тимови за поддршка на граѓаните.
– Онлајн наставата беше поттикната токму од Карпош и среќен сум што нашиот концепт беше преземен и на национално ниво. Во изминатиов период, Карпош спроведе повеќе мерки за заштита на младите, но и за нивно вклучување, колку што дозволуваат моменталните услови. Општината работи и на ресетирање на Локалниот младински совет. По одржаната консултативна средба на почетокот на годината, се направија и потребните измени на Статутот, на последната седница на Совет, по што ова претставничко тело, сега е регулирано по новиот Закон за младинско учество и младински политики, рече Богоев.
Тој напомена дека очекува и поголема поддршка за младите во угостителството, кои останале без работа, а со тој надоместок плаќале семестар или закупнина.