Бугати постави нов брзински рекод со моделот Верон Гранд Спорт Витезе, кој официјално е најбрзиот автомобил во светот со отворен покрив. Гинис неодамна ја одзема титулата најбрз сериски автомобил во светот на Верон Супер Спорт, но сепак Бугати брзо се сврте кон нови достигнувања.
Кабриолетот Верон Гранд Спорт Витезе од 2012 година на тест патеката на Фолксваген во Германија постигна максимална брзина од 408,84 километри на час, со што се запиша како најбрзиот сериски кабролет автомобил во светот.
Зад управувачот на Верон беше Кинезот Ентони Лиу, а резултатот официјално го потврди германската организација ТУВ, чиј претседател присуствуваше на поставувањето на рекордот.
Лиу го пофали однесувањето на автомобилот при брзина од 400 километри на час, истакнувајќи ја неговата неверојатна стабилност и удобност.
Верон Гранд Спорт Витезе е претставен на Саемот на автомобили во Женева во март 2012 година. Автомобилот е придвижуван од 8 литарски В16 мотор со 1.200 коњски сили.
Бугати објави дека ќе понуди специјална ограничена серија од 8 примероци на моделот Витезе, со ознака World Record Car, чија цена ќе изнесува 1,99 милиони евра. Автомобилот ќе биде премиерно претставен на Саемот во Шангај кон крајот на април 2013 година.