И покрај поплаките од страна на граѓаните дека во дел од аптеките, по одлуката за задолжително носење на заштитна опрема, цените на маските биле зголемени, Агенцијата за лекови и медицински помагала констатирала дека нема никакви отстапувања. Според контролите, било констатирано дека се одржува ред во аптеките, а цените се согласно препораките и одлуките на Владата.
Државниот инспекторат за труд направил 437 контроли, по што, инспекторите поднеле една кривична пријава и изрекле десет решенија, како и 28 укажувања за работодавачите кои не ја почитувале мерката и препораките на Владата кои се однесуваат на платено отсуство за вработени кои се родители на дете под 10 години, самохран родител, бремени жени или хронично болни лица.
„Инспекторатот констатира дека поголем дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на своите вработени од коронавирусот, при што, кај одреден број на работодавачи е евидентирано дека има работници кои работат од дома“, соопшти Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекциски совет.
Инспекторатот за транспорт направил 56 инспекциски надзори, при што е констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е речиси целосно редуциран, односно редуциран за речиси 90 проценти.
„Меѓуградските линии Скопје-Куманово и Скопје-Тетово се во целосен прекин, а исто така и меѓународниот линиски превоз е во целосен прекин од почетокот на кризата при донесувањето на рестриктивните мерки. Од направените контроли на автобуските станици во повеќе градови е утврдено дека се почитува владината одлука за 50 проценти намален капацитет односно преполовен број на патници. Воедно, од страна на Државниот инспекторат за транспорт е констатирано дека и товарниот сообраќај се одвива без ограничувања и се почитуваат препораките“, додаде таа.