Одржувањето на Олимписките игри во Јапонија не зависи од развојот на вакцина против коронавирус. Ова го изјави членот на Меѓународниот олимписки комитет и шефот на Координативниот комитет Џон Коутс.
Неговите коментари доаѓаат откако претседателот на јапонската медицинска асоцијација Јошитаке Јококура изјави вчера дека ќе биде „тешко“ за Јапонија да биде домаќин на веќе одложените игри во 2021 година без ефикасна вакцина против вирусот.
Коутс рече дека коментарите на претседателот Јококура се лично „мислење“.
– Според советите што ги добиваме од Светската здравствена организација, треба да продолжиме да ја планираме оваа Олимпијада и тоа е токму она што го правиме, што е независно од вакцината, изјави Коутс за „АП Австралија“.
Развивањето на вакцина би било одлично. Но, ние само ќе продолжиме да работиме со СЗО и јапонските здравствени власти, бидејќи во сето ова, здравјето и благосостојбата на спортистите и другите играчи на Игрите е приоритет број еден, додаде тој.
Игрите, првично закажани да се одржат во јули годинава, беа одложени за 23 јули – 8 август 2021 година. Одложувањето е огромен удар за Јапонија, која потроши 13 милијарди долари за подготовка.