Сведоштво на македонски доктор: На некаков застрашувачки начин ме релаксира фактот дека животните се надвор, а вие сте дома

Од:

Велат дека да се пишува дневник и мислите да се стават на хартија придонесува за подобро ментално здравје, полесно решавање на проблемите и систематизација на приоритетите. Ова важи за сите, но во случајов, на хартија да ги стават мислите здравствените работници кои секојдневно се во контакт со пациенти, потенцијални носители на вирусот Ковид-19, навистина е предизвик. Станува збор за многу измешани чувства, лични и професионални, за кои само можеме да претпоставуваме.

Токму од тие причини, замоливме неколкумина здравствени работници кои работат со лица заразени од коронавирусот да ни напишат нешто лично. Како им тече денот, што размислуваат, имаат ли стравови. „А1он“ во наредните денови ќе објавува повеќе вакви сведоштва од здравствени работници, кои, на нивно барање, ќе останат анонимни.

Нивните мисли ги пренесуваме интегрално – за појасно да ѝ го доловиме на јавноста предизвикот пред кој се застанати овие луѓе.

Еднодневен танц со короната

Некако се загрижив кога некаде во февруари 2020 видов дека господин Тедрос од СЗО е сè повеќе присутен на вестите. Не само што е присутен, туку и неговата фацијална експресија укажува дека новиот вирус Ковид-19, од не толку значајната група на вируси корона, излегол од контрола од Кина, земјата  каде што се појавил, и пристигнува во Европа. Лично сум продукт на поригиден образовен систем во претходната држава и моите верувања во агенциите на Обединетите нации се прилично конзистентни, па затоа ме загрижи погледот на д-р Тедрос.

Кај мене, хеуристичкиот начин на размислување е проверен во насока на лично растоварување, дури и тогаш кога фактите не се оптимистички, а предвидувањата се страшни. Се потсетив на аналогијата со т.н. Црна смрт, односно чумата во 14 век, анегдоталните маски и депопулацијата во Европа од оваа болест. Потоа шпанскиот грип во 1918, 1920  и секако ми прелета и мислата на бројни почесто лоши филмски остварувања од американска продукција за пандемии и катастрофи.

Такви беа моите размислувања… а да…прво ми се појави лутина, за која сметав дека имам неприкосновен легитимитет затоа што работам како лекар. А погоре наведов дека сè уште верувам во елементарното устројство на светот и некакви правила и токму поради тоа се налутив на планетарните авторитети за епидемиологија и, секако, СЗО. Зарем САРС И МЕРС не им беа доволно предупредување?!

Кога ќе поминеше бурата на мисли рационализирав и си велев дека ме заслепуваат гнев и страв, а тоа засрамува и ве наведува да се соберете.

И така „собран”  еден мартовски ден тргнав на работа. Вонредните мерки беа во сила, болницата каде што работам веќе во напната приправност. Интересно е што оваа година и пролетта е како по учебник по метеорологија напишан во ерата пред глобалното затоплување. Си велам, малку со бесцелна надеж, па нели и во март некогаш сме имале температури над 20 степени, мислејќи дека топлината и сонцето ќе бидат од помош. Потоа, заплиснат од бројни контрадикторни информации за отпорноста на вирусот и неговата трансмисија… Разбирам дека е ова нов агенс и за него ќе дознаваме додека трчаме паралелно со пандемијата… ужас.

По опсесивното излегување од автомобилот со проверка на маски, дезинфекциски раствори и ракавици, се упатувам на утринскиот состанок каде малкуте загрижени лица на колегите ми делуваат дополнително фрустрирачки и се обидувам да поттикнам  оптимизам што го очекувам од самиот себе. Не сакам да покажам страв и збунетост, колегите ги доживувам како стабилни и смирени. По ангажираното читање на насоките и упатствата, разговараме. Очекувам од себе да придонесам за конструктивност и оптимизам. Одалечени сме на 2 метра, но посолидарни…маката нè  обединува.

Разминувањата во ходниците се на дистанца, но кризата прави персоналот да се разминува со некој новопојавен бон-тон што можеби е присутен во Скандинавија. Се случува поради маските и опремата да не препознаам некој од вработените.

Следи повик… Брзам, а сè уште не сум предал некои не толку важни административни записи. Ги оставам на биро во администрацијата, употребувајки повеќе зборови отколку што е потребно, дека ќе се вратам да ги завршам. За момент се збунувам дали имам уште еден пар ракавици и дали маската е добро наместена. И почнува неподнослив  јадеж на рацете, премногу ексклузивна тегоба овие денови…ама нервира. Се облекувам и влегувам да извршам преглед. Тука некако како да те води процедурата.

Контактот со пациентот влијае отрезнувачки,  сега веќе напнатоста е главно предизвикана од потребата да не се остави впечаток на резервираност и страв. Дознавам дека пациентот е суспектен. Не е потврдено, но манифестира симптоми. Заштитата охрабрува во извршување на прегледот. Правам обид за релаксација во разговорот, со дефокусирање од темата…некогаш успева. Завршувањето на прегледот не донесува олеснување, сè уште одѕвонува преиспитувањето за впечатокот пред пациентот, а особено проценката за неговата состојба.

По процедуралното соблекување на заштитната опрема, за што подоцна навираат стравови дали е направено како што треба, го пишувам извештајот, што е концизна и стереотипна форма за една човечка судбина, јасна и веројатно употреблива, но далеку од емпатична.

Повторно повик. Преглед и тешко чувство од сознанието за пациентот. Некаква неприродна микстура на чувства за не баш добрата состојба на пациентот и одржување на професионалноста.

Начинот на оттргнување на заштитната опрема  како да ги артикулира целиот бес и лутина кон оваа вонредна состојба.

Потоа, со непријатно чувство на растовареност одам да ја завршам административната работа од претходно.

Информации и насоки за штедење на опремата. Во текот на денот разбираме дека некои скромни човечки примероци краделе или криеле маски  Нема оправдување.

Но, паниката е антипод на мудроста и тоа го разбирам на тој начин. Повторно опсесивно миење и прскање на личната облека со дезифициенс.

Во автомобилот…ирационално и повеќекратно прскање на воланот и кокпитот, и на рацете, секако.

Заминувам со мисли на преиспитување и детално повторување на потенцијално ризичните активности од тековниот ден. Размислувајќи колку сум ризичен за блиските, и покрај минимизирањето на контактите со нив.

Дома, по дознавањето за состојбата од прес-конференцијата, правам обид за релаксација. Често ми помага и гледањето на оваа состојба од малку филозофски агол. Знам дека секој има свои, автентични начини да се релаксира.

Во моментов, иако знам дека го завршувам текстот како писмена работа по македонски јазик од времето на СФРЈ, ме релаксира на некаков застрашувачки начин фактот дека животните се надвор, а вие сте дома. Ме инспирира таа симболика.

Би можело да ве интересира

Вработените во јавното здравство добиваат повисоки плати

Катерина Ѓуровски

Таравари: Има интерес за враќање на доктори од приватно во јавно здравство

„Стоп за лоши навики“ – ЗЛС најавува нов проект за подигнување на свеста за здрав животен стил

Лекарска комора објави листа на доктори со важечка лиценца за работа

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски