Прилепските фризери и бербери в недела се вклучуваат во хуманитарна мисија за собирање средства за обнова на големото светилиште, манастирот Трескавец, соопштија претставниците од еснафот при Регионалната занаетчиска комора.
Во ликовната галерија во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе прават фризури, ќе стрижат и ќе бричат за 100 денари. Сите собрани средства се за обновата на изгорените манастирски конаци.
– Се вклучуваме во оваа хумана мисија. Со самото тоа што посетителите ќе дојдат и ќе донираат по 100 денари се вклучуваат во акцијата, а ќе добијат и основни еснафски услуги, фризирање, фенирање, потстрижување, како и соодветен мејк-ап, изјави Жарко Јованоски, претседател на прилепските фризери при Регионалната занаетчиска комора.
Во акцијата се вклучуваат 25 реномирани прилепски фризери и фризери од струката при средното фризерско-козметичко училиште „Ѓорче Петров“. Манифестацијата ќе ја помогнат гости – колеги од цела Македонија.
Ова е прв настан од ваков вид. Фризерскиот еснаф од Прилеп апелира граѓаните масовно да ја прифатат акцијата. Тие може да донираат иако не им треба услуга. Во акцијата се вклучува и прилепската локална самоуправа.