Најновата владина мерка за вработување на 1.600 лица во јавната администрација од социјално загрозените семејства е решавање на еден горлив проблем со кој се соочува оваа категорија граѓани, оцени денеска премиерот Никола Груевски.
Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот акцелератор на Клиниката за радиологија и онкологија, премиерот Груевски истакна дека на овој начин ќе им се излезе во пресрет на најзагрозените кои ќе се вработат и обучат во државните институции.
– Свесен сум дека со ова нема да ги решиме сите проблеми во оваа категорија бидејќи бројката што може да ја прими државната администрација во овој момент е ограничена, меѓутоа ќе решиме голем дел од проблемите. Убеден сум дека на овој начин ќе успееме на оние кои се најзагрозени да им излеземе во пресрет и тие да бидат примени на работа и обучени и да се стават во корист на работењето на истутициите, изјави Груевски.
Според него, ова е одличен потег пред донесувањето на Законот за јавна администрација, во кој, како што рече, значително се зголемуваат критериумите за прием во државната и јавната администрација.
– Тоа се критериуми коипрактично многу луѓе не ќе може да ги поминат затоа што ќе бидат доста високи. Така што во администарцијата ќе бидат примани луѓе кои имаат најголемо знаење, вештини, образование и искуство, рече Груевски.
Владата вчера објави дека ќе бидат вработени 1.600 лица од четири категории – долгорочно невработени, преку десет години, лица од многудетни семејства, лица од самохрани и еднородителски семејства, како и лица од семејства без ниту еден вработен.