Поранешниот долгогодишен министер за надворешни работи на Словачка, а актуелен европратеник Едвард Кукан, во опширно интервју со дописникот на МИА од Брисел, што во целoст ќе биде објавено утре, отворено говори за ситуацијата на Македонија во однос на блокадата на евро-атлантската интеграција и притоа вели дека се восхитува на посветенoста на македонските политичари да ја задржат највисоко ЕУ и НАТО агендата.
– Македонија е земја која навистина најмногу пати од тоа и најсериозно мислам и јавно велам дека им се восхитувам на вашите политичари што тие се уште го одржуваат пламенот на евроинтеграцијата во ваква тешка ситуација. Многупати во минатото сум кажал и ќе повторам и сега, јас ја делам фрустрацијата на вашите политичари поради оваа ситуација. Јас им се восхитувам што се уште ја поддржуваат европската интеграција на земјата под овие многу тешки услови, оти прогрес-извештајот на ЕК секоја година повторува дека ги исполнувате сите критериуми. Комсијата со поддршка на Европскиот парламент предлага Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Унијата, но Советот постојано одговара со: „Ќе се вратиме на ова прашање за шест месеци“. Да, тоа е навистина фруструрачки, вели Кукан во интервјуто за МИА.
Некогашниот кандидат за претседател на Словачка притоа го издвојува Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година како најфрустрирачки, каде имаше три земји-кандидати за членство: Албанија, Хрватска и Македонија и во последен моемнт нашата земја отпадна поради грчката блокада.
– Јас сум целосно убеден дека вие бевте подготвени за членство најмалку идентично колку и другите две земји. Поради ветото од Грција вашите луѓе мораа да си ги спакуваат работите и со наведнати глави да го напуштат овој настан. Тоа е ужасно! Како политичар јас тоа го разбирам и навистина не е фер. Но работите се одвиваат за жал на таков начин, искрен е словачкито европратеник, кој во интервјуто најавува дека има сериозно придвижување во европските институции оти пристапните преговори треба да почнат и без да биде решено наметнатото прашање за името со Грција.
– И да почнат преговорите, тие само ќе обезбедат поголем простор за позитивно влијание кај двете страни, вели Кукан.
Запрашан како тој како Словак, човек со словачки идентитет би постапил доколку некој му понуди да станете дел од Европската унија, но да се откажет од своето име, идентиет, потекло… и што ќе избере, Кукан вели дека тој би одбил да избира.
– Под такви услови, јас не би бил подготвен да влезам во ЕУ. Не можам да го поттиснам својот национален идентитет. Јас сум еврооптимист и навистина сум голем верник во идејата на Европската унија, но јас сум Словак и ќе останам Словак! Затоа и Македонците комплетно ги разбирам, одговара ексминистерот за надворешни работи на Словачка во утрешното интервју за МИА.