Глобалната продажба на персонални копмпјутери во првиот квартал од оваа година на годишно ниво се намали за 13,9 проценти, што претставува нејзин најголем квартален пад досега, соопшти компанијата за маркетинг истражувањa Ај-Ди-Си.
Според компанијата, причина за ваквиот пад на продажбата на пресоналните компјутери е зголемената популарност на таблетите, но и преструктуирањето во најголемите корпорации во компјутерскиот сектор „Хјулит Пакард“ и „Дел“.
– Намалувањето на продажбата не е изненадување, но толкавиот пад е неочекуван и вознемирувачки, изјави аналитичарот на Ај-Ди-Си, Дејвид Дауд.
Тој потенцира дека ова претставува најголем квартален пад на продажбата на персонални компјутери од 1994 година од кога Ај-Ди-Си води ваква статистика.
Податоците на Ај-Ди-Си покажуваат дека во периодот јануари-март 2013 ширум светот биле продадени 76,3 милиони персонални компјутери, за разлика од продажбата на 88,6 милиони сметачи во истиот лански кавртал.
Консултатнската компанија „Гартнер“ од своја страна пак процени дека таблетите постепено ќе ги потиснуваат од пазарот статичните, но и преносливите пресонални компјутери.
Компанијата предвидува вкупната продажба на персоналните компјутери во 2013 година да се намали за 7,6 отсто на 315 милиони парчиња, додека на таблетите да се зголеми за 69,8 проценти на 197 милиони.
– Тоа не е краткотрајна тенденција предизвикана од посуровите економски услови, туку претставува долгорочна промена во однесувањето на потрошувачите, се наведува во извештајот на „Гартнер“.