Поплавени се земјоделски имоти во Тиквешко откако денеска дојде до излевање на реката Црна, соопштија од водостопанското претпријатие Водостопанство „Тиквеш“ од Кавадарци.
– Поради зголемен доток на вода од реката Црна вчерашните девет метри кубни вода во секунда кои се прелеваа преку преливната шахта на Тиквешкото Езеро, денеска се зголемија на 40 метри кубни вода во секунда. Поплавени се ниви на неколку локации околу реката Црна. Во селото Возарци пред железниот мост, во селото Манастирец по мостот, по асфалтната база близу селото Трстеник, Паликурско, рече Илија Темелковски, технички директор во „Тиквеш“.
Механизацијата на претпријатието работи на неколку места за да се спречат штети на околните имоти околу коритото на реката особено околу бунарите за вода за пиење во Росоманско кои се исто така загрозени.