Велигденскиот соло-концерт на италијанскиот тенор Андреја Бочели во празната Миланска катедрала Дуомо, што се пренесуваше во живо на Јутјуб, досега го гледале скоро 25 милиони луѓе.
– Во денот кога ја славиме верата во животот што триумфира, ја имам честа и среќата да одговорам со „Да” на поканата на управата на градот Милано, изјави славниот оперски пејач пред концертот.
Придружуван од катедралниот оргулист, Бочели изведе четири песни и заврши со „Amazing Grace”, застанат пред величествениот готски храм.
Последната изведба беше проследена со кадри од празните улици на Париз, Лондон и Њујорк.
Областа Ломбардија, со главниот град Милано, е најмногу погодена од епидемијата, со повеќе од 9.000 смртни случаи.