Празни улици, без познатата галама и секојдневен метеж. Затворени дуќани и отворени бензиски пумпи. Ваква е сликата во Скопје за време на полицискиот час кој овој викенд ќе трае 61 час. Рестрикцијата е воведена за да се спречи ширењето на коронавирусот, а речиси сите граѓани ја почитуваат.
Низ улиците, одвреме навреме, можат да се забележат само автомобили на аптеки кои разнесуваат лекови по телефонска порачка, возила кои прават достава на брза храна, како и лица кои разнесуваат најнеопходни продукти кои се нарачуваат онлајн.
Низ населбите може да се забележи по некој поединец кој не се придржува целосно кон рестрикцијата. Па така, пред зграда во скопско Тафталиџе, можеше дека се коси трева во локалниот тревник.
За првпат, по подолго време, целосно затворени беа зелените пазари. Овој викенд нема да биде пазарен поради рестрикцијата, па затоа, пазарот во Ѓорче Петров беше под клуч.
Затворени беа и трафиките низ населбите во Скопје.
Дел од бензинските пумпи и натаму работат, а имаат и муштерии. Граѓаните кои имаат посебни дозволи за движење во полициски час, можат да точат гориво што и се практикува.
За време на полицискиот час, екипата на „А1он“ не забележа прекршување на забраната за движење. Во скопски Карпош, локалните игралишта беа празни.
Спроведувањето на полицискиот час е контролиран од полицијата, која е распоредена по повеќе пунктови низ Скопје, а контроли има и низ уличките во помалите населби.
Македонија за првпат се соочува со 61 часовен полициски час, поради пандемијата со коронавирусот. Пикот на болеста, според Министерството за здравство, се очекува кон крајот на април па оттаму се најавени слични рестрикции и за време на велигденските празници.