Притвореник во истражниот затвор во Шутка вчера починал од срцев удар, а по извршената обдукција било утврдено дека тој е позитивен на коронавирусот, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
„Тој немал симптоми, немал температура, но на обдукцијата е позитивен на вирусот и сега се прават епидемиолошки анкети на сите што биле во близок контакт со него“, рече тој.
Заболен од коронавирусот има и во Домот за стари лица во Битола, кај лице примено на 18 март. Пациентот бил примен во Инфективната болница во Битола, а откако била добиена потврда дека е позитивен, земени се брисеви од сите кои биле во контакт со него.
Даден е налог Државниот здравствен и санитарен инспекторат да ја испита целата состојба.