Американскиот државен секретар, Мајк Помпео најави дополнителни 225 милиони американски долари помош за глобалната борба против пандемијата на коронавирусот, но кажа и дека администрацијата на претседателот Трамп ќе ја задржи неопходната медицинска помош за снабдувањето во САД, сооглед на огромните домашни потреби.
„Во моментов, со оглед на големата потреба за лична заштитна опрема во нашата земја фокусот ќе ни биде на задржување на неопходната медицинска опрема во САД“, рече Помпео на прес конференцијата во Стејт департментот, пренесуваат британските медиуми.
Тој, истовремено, најави дека САД со дополнителни 225 милиони долари ќе помогнат во глобалната борба за сузбивање на пандемијата на коронавирусот и потсети дека од претходно веќе се обезбедени 274 милиони долари за 64 земји низ светот.
„Овие дополнителни средства ќе бидат искористени за активности за спречување на ширењето на високо заразниот коронавирус преку дијагностиката, превенцијата и контролата, на засилувањето на здравствените системи, подготовка на лаборатории и обука на здравствените работници“, додаде Помпео.