Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, жали што владата сака да ги контролира медиумите и ги дискредитира сите кои имаат различен став од нејзиниот.
Ова тој го истакна на денешното обраќање на седницата на Комисијата за национален совет за евроинтеграции, на која присуствуваше и високата делегација на ЕУ, предводена од еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
– Слободата на изразување во Македонија станува сериозен предизвик за евроинтеграциите, загрижени сме за лошата ситуација, видете го извештајот на ОБСЕ и сè ќе ви биде јасно. Жалиме што владата сака да ги контролира медиумите и ги дискредитира сите кои имаат различен став од нејзиниот. Добро е што владата го објави законот за медиуми и вети дека се отворени за подобрување на тој закон. Ние како ЗНМ и другите партнерски организации, сме одлучни дека овој закон ќе ја одреди судбината на слободата на изразување и на македонските медиуми во иднина. Мора да бидеме внимателни со опфатот на законот посебно околу регулирање на печатените и интернет медиуми, за што нема унифицирано европско законодавство. Очекуваме дека овој закон ќе понуди решенија – рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Тој побара анкетната комисија која треба да ги разреши случувањата од 24 декември, прво да расправа по прашањето зошто новинарите беа исфрлени од галеријата на парламентарната сала.