Еден од двајцата починати заболени од Ковид-19 во Куманово, за кои вечерва извести градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, е припадник на граничната полиција, потврдија за „А1он“ од кумановската полиција.
Ова е прв припадник на полицијата во земјава кој почина како последица на Ковид-19.
Според нашите извори, станува збор за 52-годишен кумановец кој бил ангажиран на граничниот премин Белановце, а во последниве две недели користел боледување.
Резултатот дека е позитивен на коронавирусот му пристигнал вчера – истиот ден кога починала и неговата мајка, за која е непознато дали била заразена од вирусот.
Другото лице од Куманово кое починало како последица на коронавирусот, според нашите извори, е свекорот на трудницата која беше примена на Клиниката за гинекологија во Скопје на 30 март и беше позитивна на Ковид-19. Таа се породи предвреме, а резултатите на нејзиното бебе кое беше тестирано за Ковид-19 беа негативни.
За двата нови смртни случаи од Ковид-19 се очекуваат повеќе детали во текот на утрешниот ден. Според последните податоци, во земјава има 570 заразени лица и сега веќе 23 смртни случаи.
Во Куманово потврдени се 121 случај на коронавирус и оваа општина сега претставува една од најкритичните точки во земјава поради што во текот на целиот викенд беше воведен полициски час.