Претседателот на опозициската Демократската партија (ДС) Зоран Лутовац оцени денеска дека секојдневните обраќања до јавноста на српскиот претседател Александар Вучиќ носат вознемиреност и страв кај граѓаните и дека ниту еден претседател на која било уредна демократска држава не се однесува така.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Лутовац за весникот „Данас“ кажа дека секојдневното обраќање на Вучиќ не внесува мир и спокојство кај граѓаните, туку напротив – зачестеноста на неговото појавување и начинот на кој тој се обраќа внесуваат вознемиреност и страв кај граѓаните. Затоа, сосема е логично што се појави петицијата наместо Вучиќ да се обраќаат експерти – лекари.
Тој оцени дека настапите на Вучиќ се маратонски обраќања кои им приличат на автократи и диктатори, а не на претседатели на демократски држави. Лутовац кажа дека за да се добијат корисни информации, треба да се слушаат „патетични тиради, примитивна политичка кампања, без тронка на достоинството и популистички кич од најлош вид“.
Лидерот на ДС оцени дека власта ги коригира грешките направени на почетокот на епидемијата со воведување драстични мерки.
-Лежерноста на почетокот на пандемијата се обидува да ја надомести со драстична ,ревност ’во оваа фаза. Типичен пример за однесување на коцкар кој се обидува да се вади со хазардерска игра на сè или ништо, кажа Лутовац, кој додаде дека сè што прави Вучиќ за време на пандемиската криза е дел од предизборната кампања.